БИЦЕВСКИ, Трпко Ристов

БИЦЕВСКИ, Трпко Ристов (с. Пожарско, Воденско, Егејскиот дел на Македонија, 5. Ⅲ 1938) – етномузиколог, мелограф и композитор, научен советник и истражувач на вокалната народна музика во Одделот за народна музика во Институтот за фолклорМарко Цепенков” во Скопје, во пензија. Во времето на Граѓанската војна во Грција, заедно со семејството, преминал во НРМ. Основно образование завршил во с. Ерџелија (Светиниколско), средно музичко училиште во Скопје, а потоа дипломирал на Факултетот за музичка уметност (Оддел за музички фолклор) во Белград (1967) и докторирал на Музичката академија во Скопје на тема „Двогласјето во СР Македонија – архитектоника и ритам во светлината на теоретските музиколошки сознанија” (25. Ⅲ 1983). Две години бил наставник по музичко воспитување во Свети Николе, а по дипломирањето на музичката академија остатокот од работниот век го минал како етномузиколог во Институтот за фолклорМарко Цепенков” во Скопје, од стручен соработник и асистент до научен соработник (1. Ⅻ 1967 – 1986), виш научен соработник (1986) и научен советник (1992) во Одделот за народна музика. Еден мандат бил и директор на Институтот (од 1. Ⅶ 1967). Мелографирал над 15.000 македонски народни песни и објавил две монографии и 12 зборници со македонски народни песни, од кои 4 во коавторство со д-р Лазо Каровски. БИБ.: Македонски печалбарски народни песни, Скопје, 1979 (со коредактор); Македонски народни хумористично-сатирични песни, И и Ⅱ, Скопје, 1982 и 1986 (со коредактор); Двогласјето во СР Македонија, Скопје, 1986; Македонски народни песни од Мегленско, Скопје, 1985 (избор и музиколошка обработка, со коредактор); Двогласни македонски народни песни, Скопје 1988; Македонски народни песни од Воденско, Скопје, 1989 (избор и редакција); Македонски народни песни од Кукушко, Скопје, 1989 (избор и редакција), Македонски народни песни од Драмско, Скопје, 1995 (избор и редакција); Македонски народни песни од Леринско, Скопје, 1995 (избор и редакција); Македонски народни песни од Серско и Демирхисарско, Скопје, 1997 (избор и редакција); Мелодиката на македонската народна песна и нејзините релации со другите жанрови и култури, Скопје, 1997; Македонски народни песни од Костурско, Скопје, 1999 (избор и редакција); Народната песна на Гораните, Скопје, 2001. С. Мл. БИЦИЛИ, Петар Михајлович

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *