БОГОЕВСКИ, Мите

БОГОЕВСКИ, Мите (Димитар) Пандев (с. Болно, Ресенско, 31. Ⅹ 1919 – с. Болно, 12. IX 1942) – поет и револуционер, народен херој. Основно училиште завршил во родното село, прогимназија во Ресен (1935) и Трговска академија во Битола (1935-1937). Како поет Мите Богоевски се пројавил уште во прогимназијата во Ресен со песните: „Осамотен патник”, „Покрај река”, „Мало коњче”, „Несреќен Илија” и „Два врапци”. Пред малата матура, познат како „Момчето од Болно”, ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за Македонските Славјани”, со изразити македонски национални чувства. Слична била и незачуваната песна „Богомили”. Бил особено надарен за цртање, а се занимавал и со резбарство. Во Трговската академија во Битола основал кружок за запознавање на прогресивната литература (1936) и станал член на СКОЈ (1937). Бил член на управата на Литературната дружина „Иван Гундулиќ”, каде што го читал рефератот „За праведните и неправедните војни” и сатиричната песна „Имела” во која ја исмејува буржоазијата. Станал и еден од раководителите на младинското раководство во Академијата и конечно се ориентирал кон пишување на македонски јазик. Во 1938 г. веќе имал педесетина напишани песни, меѓу кои и најпознатата „Спроти Илинден”. Како студент на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет (1939-1940) станал и член на КПЈ (1939). Тогаш го пишувал својот незавршен и необјавен роман „Аристиди Бријана”. Поради недостиг на материјални средства, бил принуден да се врати во родното село. Станал член на МК на КП во Ресен (1940). Тогаш испратил повеќе свои стихотворби во в. „Наша реч” во Скопје, но била објавена само песната „Разделвачка” (Ⅱ/18, 14. Ⅵ 1940, 6). Редакцијата имала намера да му издаде и посебна стихозбирка, но весникот престанал да излегува, а потоа (заедно со неговата архива) £ се губи трагата. Бил уапсен во Битола (16. IX 1940) и спроведен во затворот Главњача, а потоа во затворот Ада Циганлија кај Белград останал два месеци. По фашистичката окупација извесно време работел во Општината во с. Јанковец и бил еден од организаторите на оруженото востание во Преспанско (1941). Заедно со Илија Спировски изработувале фалсификувани лични карти за илегалците, поради што бил уапсен (31. Ⅲ 1942). Но поради недостиг на докази, за десетина дена бил ослободен од затворот и како секретар на Околискиот комитет на КПЈ преминал во илегалство. Во пролетта на 1942 г. ја напишал и ја размножил на машина песната „Партизанка”, што станала популарна како народна песна во Преспанско. Била размножена и неговата песна „Спроти Илинден”. Учествувал во формирањето на НОПО „Даме Груев”. Кога одредот ја растурил планираната бугарска илинденска прослава во с. Смилево, Битолско, ја напишал песната „Триесет и девет минаја” посветена на борците од овој одред. Во една акција на бугарската војска и полиција за блокада на НОПО „Даме Груев” борците успеале да се пробијат, но тој останал опколен со соборецот, народниот херој Стефан Наумов-Стив. Се обиделе да излезат од обрачот пробивајќи се во два споротивни правца, но тој останал во атарот на селото што го познавал. За да не паднат живи во непријателски раце, се решиле на саможртва. Бугарската полиција првин ги погребала во два гроба, потоа ги откопале и ги пренела кај селската црква, а од тука потајно ги однесле кај Ѓавато (под Пелистер) и ги запалила со бензин. По неговата смрт, борците на одредот на шапирограф ја размножиле неговата песна „Триесет и девет минаја”, а во ракописно издание на битолските затвореници бил објавен и фрагмент од песната „Загонетка”. Прогласен е за народен херој на Југославија (2. Ⅷ 1949). Зачувани се и неговите песни: „Сат”, „Ученичка тетратка”, „Покрај река”, „Висибаба”, „Стојанка млада партизанка”, „Триесет и девет минаја” и др. БИБ.: Разделвачка, „Наша реч”, Ⅱ/18, Скопје, 14. Ⅵ 1940, 6; Загонетка, „Наш пат” (ракописно издание на битолските затвореници), Но 1, Битола, 1944, 15, Архив на ИНИСкопје, к. 116, 849/1 и 2 и 15/309. ЛИТ.: Лазо Каровски, Мите Богоевски, „Нов ден”, ИВ, 8-9, Скопје, 1948, 66-73; Ацо Филип, Момчето од Болно, „Нова Македонија”, Скопје, септември-октомври 1958; Мите Богоевски, Спроти Илинден. Песни. Книгата ја подготвил Радивоје Пешиќ, Скопје, 1959, 7-26 и 41-43; Дејан Алексиќ, „Наша реч” (1939-1941), Скопје, 1960, 304 и 345-346; Стојан Ристески, Поетот и револуционерот Мите Богоевски, „Млад борец”, ЏЏВ, 24, Скопје, 19. IX 1968, 6; Ѓорѓи Ѓорѓиевски, Мите Богоевски, во зб. Пет децении Економско училиште, Битола, 1923-1972, Битола, 1972, 72-73; Александар Стерјовски, Училишните денови на Мите Богоевски во Битола, „Развиток”, XI, 6, Битола, 1973, 537-549; Миодраг Друговац, Македонската литература (од Мисирков до Рацин), Скопје, 1975, 212-224; Димитар Митрев, Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против фашизмот, „Современост”, ЏЏВ, 7, Скопје, 1975, 3-4; Ацо Филип, Мите Богоевски, поет и револуционер, Скопје, 1977; Јордан Конев, Страв од мртвите тела. Како загинаа Мите Богоевски и Стив Наумов во болнската корија, „Нова Македонија”, Скопје, 22. XI 1980, 4; Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900-1944. Истражувања и материјали, Скопје, 1980, 359-361; истиот, Профили и пројави од македонската литературна историја, 2, Скопје, 1982, 262-265. С. Мл. Крсте Богоески

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *