ГЛАВЕН ШТАБ НА НОВ И ПОМ

ГЛАВЕН ШТАБ НА НОВ И ПОМ (1943–1945). Пред формирањето на Гш, оружената борба ја раководеле: Воена комисија – Методија шаторов-шарло, Коце Стојановски-Металец, Бранислав шикиќ-Бруно, Љубомир Лековиќ-Горски и Илија Јакимовски (јуни 1941); Покраински воен штаб – Лазар Колишевски-Митре, Михало Апостолски-Дончо, Мирче Ацев-Стојче, Страшо Пинџур-Јосиф, Цветко Узуновски-Абас, Трајко Бошкоски-Тарцан, Перо Иваноски-Тиквар, Кузман Јосифовски-Питу, Иван Дојчиновски-Димче (септември 1941) и Оперативен воен штаб, како помошен орган на ПВш – Перо Иваноски-Тиквар, Трајко Бошкоски-Тарцан, Киро Крстески-Платник и Стиф Наумов. ПВш прераснува во Гш на НОВ и НОПОМ во состав: Цветко Узуновски, Михајло Апостолски, Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Љупчо Арсов (јуни 1942), а подоцна биле кооптирани Кузман Јосифовски и Стиф Наумов. Го раководел дејствувањето и организирањето на НОПО, реорганизацијата на месните воени штабови, издавал „Билтен“ (од октомври 1942) и др. Гш на НОПОМ прераснува во Гш на НОВ и ПОМ во состав: Михаило Апостолски – командант, Цветко Узуновски – политички комесар и Страхил Гигов – зам.-пол. комесар. Подоцна комесари биле Бане Андреев и Борко Темелкоски, а заменик на командантот Панче Неделковски (март 1943). До конечното ослободување на Македонија (ноември 1944), во составот на Гш имало повеќе измени. Единствено командантот М. Апостолски останал до укинувањето на главните штабови (1945). За поефикасно раководење со НОАВМ, територијата ја поделил на пет Оперативни зони (ОЗ), на чело со оперативни штабови. По Преспанскиот состанок на ЦК на КПМ (2. Ⅷ 1943) седиштето на воено-политичкото раководство било во с. Црвена Вода, на слободната територија Дебарца, Охридско. Гш на НОВ и ПОМ именувал (септември 1943) референт за верски прашања (поп Вељо Манчевски) и референт за просвета (Петар Богданов-Кочко), издал Манифест за крајната цел на НОАВМ (октомври 1943), формирал баталјони и бригади (1943), дивизии и корпуси (1944) за завршните операции за ослободување на Македонија. Македонската војска имала над 64.000 борци (октомври–ноември 1944). Во ноември Гш на НОВ и ПОМ бил преименувн во Гш на НОВ и ПОЈ за Македонија и така функционирал до февруари 1945 г., кога бил преименуван со наредба на Вш на НОВ и ПОЈ во Гш на ЈА за Македонија. Во мај 1945 бил укинат. ЛИТ.: Михаило Апостолски, Ослободителната војна на македонскиот народ 1941–1944, Скопје, 1964; Марјан Димитријевски, Макдонската војска 1941–1945, Скопје, 1999. Вл. Ив.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *