ГРАДИШТЕ, Јегуновце, Тетово

ГРАДИШТЕ, Јегуновце, Тетово – античка и средновековна населба. На 3 км североисточно од селото, на самиот влез во Дервенската Клисура, меѓу Полог и Скопско Поле, на низок рид 80 м над десниот брег на р. Вардар се наоѓаат остатоци од крајпатна тврдина. Наодите (сребрен рим-ски републикански денар, монети од Ⅳ и Ⅵ в. и византиските уранискос монети од Ⅹ, Ⅻ–ⅩⅠⅠⅠ в., како и другите археолошки наоди) го осветлуваат времето кога егзистирала тврдината – од републиканскиот период, преку раниот и доцниот римски период, како и во средниот век. Откриени се врвови од стрели, бронзен тег за контрола на златни и сребрени монети од доцната антика, бронзен дводелен калап за отпечатување од преславски тип, со изгравирана фигура на митолошко животно во негатив (Ⅹ в.), словенска гроздовидна обетка, прстен и дел од белегзија (Ⅹ–Ⅻ в.). Врвот на ридот (450 м над морето) има издолжена форма што била утврдена со одбранбен ѕид со површина од 0,5 ха. Тврдината ги заштитувала влезот и патот низ клисурата. На 300 м југозападно покрај па-тот се регистрирани остатоци од античка крајпатна отворена населба. ЛИТ.: В. Лилчиќ, Научно-истражувачки проект Северозападна Македонија во доцната антика и средниот век, МакНас, 2, Скопје, 1996, 57, 58. В. Л.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *