ГРИВЧЕВ, Васил

ГРИВЧЕВ, Васил (Александрија, Египет, 4. Ⅲ 1922 – 4. Ⅶ 1996) – економист, унив. професор и политичар. Завршил средно економско училиште и работел како книговодствен чиновник во „Треска“ А. Д. Скопје (1940), а потоа во Фабриката за килими во Скопје. Бил член на КПЈ (1941) и учесник во НОАВМ (1943). По Ослободувањето бил потпретседател на Контролната комисија на НРМ, генерален директор на Генералната дирекција за неметали, јаглен и градежна индустрија на НРМ, генерален директор на Управата за инвестиции на НРМ, советник во Извршниот совет на СРМ и потпретседател на Околискиот народен одбор во Скопје. Дипломирал и докторирал на Правниот факултет во Скопје од областа на финансиското право. Бил избран за доцент на Правниот факултет во Скопје (1950), потоа вонреден и редовен професор (1971) по Финансии и финансиско право на СФРЈ, а извесен период предавал и стопански систем, како и надворешно трговско и царинско право (од 1979/1980). Бил професор и на постдипломските студии на економските факултети во Риека и Сараево и на правните факултети во Загреб, Варшава и др. На просторите на СФРЈ објавил прв научен труд за финансиското право. Бил член на Извршниот совет на СРМ (25. Ⅵ 1963 – 24. IX 1968), претседател на Стопанската комора на СРМ, секретар на Сојузниот секретаријат за надворешна трговија, член на Сојузната конференција на ССРНЈ, претседател на Стопанскиот собор на Собранието на СФРЈ (1970), претседател на Одборот за кредитен и монетарен систем и судија на Уставниот суд на Југославија. БИБ.: Буџети општина и срезова, Београд, 1959; Наука за финансиите, кн. прва, Увод и општ дел; кн. втора, Јавни расходи и јавни приходи; кн. трета, Осигурување кредит и банки, Скопје, 1961; Одбрани текстови од областа на финансиите, Скопје, 1962; Систем на државните и општите приходи на ФНРЈ, Тетово, 1963; Буџетските права на општината во Југославија, Скопје, 1964; Зборник на основни нормативни акти на финансовото право на СФРЈ, Скопје, 1966; Финансово право на СФРЈ, општ дел, Скопје, 1972 и 1984; Инфлација у СФРЈ, Београд, 1975; Средства на здружениот труд, Скопје, 1975; Финансије и финансијско право СФРЈ, први део, Београд, 1977; Финансово право СФРЈ, посебни део, Београд, 1977 и 1979; Основе новог девизног и ванјско трговинског система СФРЈ, Загреб, 1977; Интерна банка у СФРЈ, Београд, 1978; Коментар на законите од областа на парите, бан-ките и девизното работење, Белград, 1979 (коавтор); Спољно трговинско право СФРЈ, Скопље, 1986; Девизни и сполјни трговински систем СФРЈ, Лјублјана, 1986 (преведена на англиски, руски, шпански, германски и француски јазик); Курс југословенског динара, Нови Сад, 1986. С. Мл.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *