ДЕЛЧЕВО

ДЕЛЧЕВО – град во источниот дел на РМ: 11.500 ж. (2002 г.). Се наоѓа во Пијанечката Котлина, од двете страни на реката Брегалница, на надморска висина од 580 м. Зафаќа површина од 350 ха. Има умерено-континентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 10,5°С и просечни годишни врнежи од 515 мм. Со магистралниот пат М–5 на запад е поврзано со Кочани, а на исток со Благоевград, во соседна Бугарија. На југ од Д., по долината на Брегалница, води магистрален пат кој, преку Пехчево, го поврзува градот со Берово. Под името Царево Село првпат се спомнува во една повелба на Цар Душан од 1347 г., а сегашното име му е дадено во 1951 г., во чест на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Сè до крајот на ⅩⅠⅩ в., поради географската периферност, населбата егзистирала само како поголемо село. Потоа, како центар на областа Пијанец, функционално и економски почнало да се развива и добило обележје на гратче. Во 1900 г. населбата броела 2.686 ж. Во периодот меѓу двете светски војни бележи стагнација, а населението бројно се намалува. Во 1931 г. во населбата живееле 2.387 ж. Малку позабрзан развој Д. остварува во втората половина на минатиот век. Така, додека во 1953 г. во него имало 5.520 ж., денеска тој број е зголемен на 11.500 ж. Од нив Македонци се 10.761 ж., Роми 564 ж. и Турци 97 ж. Д. е седиште на општина која зафаќа површина од 42.239 ха, има 22 населени места со 17.205 ж. Главна стопанска гранка во градот е текстилната индустрија. Во Пијанец се откриени значајни резерви на јаглен од типот лигнит, но тие сè уште не се експлоатираат. Има гимназија, здравствен дом, споменик на Гоце Делчев. ЛИТ.: Д. Арсовски, Д. Христовски, Делчево, Делчево, 1974; Кирил Миљовски и др., Економски потенцијали на општина Делчево, МАНУ, Скопје, 1985. Ал. Ст.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *