ДОСИТЕЈ, архиепископ

ДОСИТЕЈ, архиепископ (Димитар Стојковски) (Маврово, 7. Ⅻ 1906 – Скопје, 20. Ⅴ 1981) – прв поглавар на возобновената Охридска архиепископија – Македонска православна црква. Се замонашил на 17 години (1924) во „Св. Богородица Пречиста” (Кичевско). Богословија започнал да учи во Сремски Карловци, завршил во Битола (1937), а Богословски факултет во Белград (1942). Престојувал во Света Гора (1924– 1932) и во манастирите „Св. На-ум” (Охрид), „Св. Богородица” (Трескавец), Буковскиот манастир и др. Во 1951 г. бил избран за Епископ топлички – викарен на Српскиот патријарх Викентие, а од 1957 г. активно се вклучил во решавањето на македонското црковно прашање и прифатил да биде кандидат за прв митрополит македонски – владика Македонец. На Црковно-народниот собор во Охрид, кога се возобновува Охридската архиепископија како Македонска православна црква, бил избран за прв поглавар, востоличен во архиерејскиот трон на св. Климент (4–5. Ⅹ 1958) со титула Архиепископ Охридски и Скопски и прв митрополит Македонски. На митрополитскиот црковно-народен собор (17. Ⅷ 1967) беше прогласена автокефалноста на МПЦ, а архиепископот Доситеј – поглавар на автокефалната МПЦ. Во негово време од темел беше возобновена Црквата, со сите нејзини витални органи – епархиите, епископатот, свештенството, црковните општини во татковината и во дијаспората, црквите и манастирите, образованието и просветата. Во 1967 беше отворена Богословијата, а во 1977 г. Богословскиот факултет. Архиепископот Доситеј стана и остана симбол на МПЦ. Мудро, чесно и самопожртвувано ја раководеше МПЦ во времето на своето 23-годишно архиепископување. ЛИТ.: Доне Илиевски, Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, Скопје, 1995; Ратомир Грозданоски, Михаил Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 1994; Ратомир Грозданоски, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000; Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје 1989; Доне Илиевски, Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода, Скопје, 1987; истиот, Смислата на некои отпори против автокефалијата на Македонската православна црква, Скопје, 1970; истиот, Автокефалноста на Македонската православна црква, Скопје, 1972. Рат. Гр. Борислав Доцевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *