КАМБОВСКИ, Владо

КАМБОВСКИ, Владо (Битола, 5. Ⅰ 1948) – универзитетски професор, академик. Основно и средно образование завршил во родниот град. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1970), како најдобар дипломиран студент на повеќе генерации. Магистрирал на Правниот факултет во Загреб (1975), а докторската теза ја одбранил на Правниот факултет во Скопје на тема „Проблематиката на пропуштањето во кривичното право“ (1980). Избран за асистент (1971), за доцент (1980) и за редовен професор (1992) на Катедрата за кривично право на Правниот факултет во Скопје. Избран за редовен член на МАНУ (2006) и за потпретседател во 2007 г. Раководел со работните групи за подготовка на Законот за судовите (1995) и на Кривичниот законик (1996). Бил декан на Факултетот за безбедност (1980-1984) и директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1984-1986). Избран за потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ (1986), за сојузен секретар за правосудство и управа во Сојузниот извршен совет на СФРЈ (1989) и за министер за правда во Владата на РМ (1999). Претседател е на Форумот за евроатлантска интеграција на РМ и раководител на мегапроектот на Правниот факултет во Скопје „Евроинтеграцијата на општествениот, правниот и политичкиот систем на РМ“. Има напишано над 150 труда и 15 книги, како и неколку учебници од областа на кривичното право, објавени на повеќе јазици. БИБ.: Меѓународно казнено право, Скопје, 1998; Казнено право – општ дел, Скопје, 2004. ЛИТ.: Правен факултет – Педесет години, 1951 – 2001, Скопје, 2001. Гор. Л.-Б.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *