ПРИРОДОНАУЧЕН МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА

ПРИРОДОНАУЧЕН МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА – Скопје – основан во октомври 1926 г., по иницијатива на познатиот научен работник на полето на зоологијата, д-р Станко Караман. Низ целиот период на своето осумдесетгодишно постоење, Музејот се фокусираше на активностите поврзани со научно-истражувачките дејности, на колекционерската дејност, на изложбената и на издавачката дејност, како и на заштита на природните богатства на Македонија. Во рамките на Музејот функционират стручни и научни одделенија: ботаничко одделение, одделение за без’рбетници, ентомолошко, палеонтолошко и одделение за ’рбетници, како и препараторското одделение. Активностите во Музејот се насочени кон проучување на флората, фауната и геата на Македонија и кон колекционерската дејност со што се обезбедуваат потребни материјали за подготвување на постојаните и повремените изложби. На приземјето на Музејот се уредени: геолошко-палеонтолошката изложба, ботаничката, ентомолошката и изложбата на без’рбетниците. На катот се наоѓаат изложбата на рибите на Македонија, на водоземците и на влекачите, птиците на Македонија и на цицачите. Во салата за повремени изложби се уредуваат разновидни тематски изложби. Природонаучниот музеј има и издавачка дејност, а првото сп. „Аналес“, е издадено во 1939 г., кое со почнувањето на Втората светска војна престанува да излегува. Издавачката дејност одново започнува со сп. „Ацта“ и „Фрагмента балцаница“ (1953). Подоцна почна да излегува и сп. „Посебно издание“ и на крај започна издавањето на едицијата „Фауна на Македонија“, од која досега се излезени седум броеви. Музејот во своите депоа располага со огромен број собрани фосилни, флористички и фаунистички материјали. Р. Гр.

Загорка
Присаѓанец
-Тодоровска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *