МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО ВО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА

МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО ВО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА –
домородно македонско христијанско и исламизирано население со локална етничка култура како составен дел од вкупната македонска етничка култура. Ова население е евидентирано во средновековните и во најстарите турски пописни дефтери. Во почетокот на ⅩⅩ в. етапно било вклучувано во албанската државна територија (Мала Преспа во 1919, Го-ло Брдо, Гора и дел од Дебарско Поле во 1923 г.). Со Албанците етнички се диференцирале здружени во етнички групи со групна ендогамија. Македонците од Албанија припаѓаат на две конфесии: православно христијанство и ислам. Македонско население со христијанска вера има во пределот Мала Преспа, во селата Бобоштица и Дреновени (Корчанско) и во Врбник (Костурска Корешча), додека во другите предели се застапени двете главни конфесии. Во крајните северни македонски етнички предели Голо Бр-до, дел од Дебарско Поле и дел од Гора населението во турскиот период било изложено на процесите на исламизација. Миграцијата село–град е поизразена кај православното христијанско македонско население.
Доминанатно македонско население во Албанија има во етничките предели Голо Брдо – 16 села со претежно македонско население, кое во домашниот бит го зборува македонскиот мајчин јазик: Стеблево, Клење, Гиневци (Гинеец), Требиште, Врница (Врбница, Врмница), Тучепи, Големо Острени, Мало Острени, Ладомерица, Лешничар (Лешничани), ОШЕНОВО, Пасинки, Радовиш (Радоешта), Којавец, Смолница и Себишта (Себишча); Гора – 9 села со истите карактеристики: Борје, шиштевец, Орешек, Оргошта, Пакиш, Црнолево, Ново Село, Запот и Кошаришта; Мала Преспа – 9 села: Туминец, Горна Горица, Долна Горица, шулин, Глобочани, Пустец, Леска, Зрновско и Церје; Корешча, Костурско – селото Врбник (Вармник); Корчанско – селата Бобоштица и Дреновени и Охридско/Струшко – селата Лин, Тушемишта и Пискупија. Македонците од Албанија сметаат на апроксимативната бројка од
200.000 Македонци (од двете конфесии) во Албанија, од кои околу
20.000 само во градот Тирана и значаен број во другите албански градови (Драч, Кукс, Елбасан, Каваја Корча, Билишта, Подградец итн.). Државата досега нема објавено официјална бројка на Македонците во Албанија, а од пописите не можат да се добијат податоци за бројот, бидејќи не постои графа за изјаснување на

Општинската зграда во с. Пустец
националните малцинства. Само околу 5% од Македонците (Мала Преспа) уживаат територијално ограничени малцински права.
Јазикот е македонски со специфични црти на северозападните, западните и југозападните македонски говори, и тоа: во Гора – горански говор; во Голо Брдо – дебарски голобрдско-дримколски говор; во Корчанско – бобоштенски говор; во селото Врбник (Костурска Корешча) – врмнички говор; во Мала Преспа – западнопреспански; во селата Лин, Тушемишта и Пискупија – струшко-охридски, итн. Македонците од Албанија го зборуваат и албанскиот службен јазик. Македонските говори од Албанија покажуваат изворна архаичност што е последица на нивното одржување во домашниот бит, бидејќи образовниот процес насекаде, освен во основното образование во Мала Прес-па, се одвива на албански јазик, како и комуникацијата на државно ниво, во институциите, во јавните гласила и во сите други медиуми.
Македонците во Албанија претставуваат домородно население во нивните населби во неколку етнички предели.
Следејќи ја старословенската и словенско-македонската топонимија во Албанија, може да се изврши приближна реконструкција на територијата што била маркирана со македонски (словенски) населби во раниот среден век, во времето на турскиот период и во новиот период по создавањето и развојот на албанската држава во ⅩⅩ в. Откако етнички различното население на овој простор поминало низ процес на етнички проникнувања, започнал процес на групирање според сродноста по јазикот и етничката култура. На тој начин, на една страна се издвоиле албанските егзогамни племиња, а на друга македонските ендогамни етнички групи (ⅩⅤⅠⅠ–ⅩⅤⅠⅠⅠ в.). Може да се констатира дека природната етничка граница меѓу македонското и албанското население била Черменика, а кон југозапад Корчанско и Девол, од каде што оваа граница ги допирала македонските предели околу двете големи езера – Охридското и Преспанското.
Во класичниот турски период се одржувал континуитет на македонските населби и покрај процесите на исламизацијата во централните и во северните предели (Дебарско Поле, Голо Брдо и Гора). Интензивна миграција на македонското население кон исток може да се констатира во времето на турскиот чифлички феудален систем. Миграцијата е поврзана со појавата на локалните полунезависни турски феудалци од албанско потекло – Бушати на север и Али-паша Јанински Тепелени на југ (ⅩⅤⅠⅠⅠ–ⅩⅠⅩ в.). Особено

Али-паша Јаниниски Тепелени
неповолна за опстанокот на македонското население била претпоследната турска територијална организација (1846–1877) на четири вилаети: Јанина, Битола, Скадар и Косово што временски се совпаѓа со балканските и со албанските национални движења во втората половина на ⅩⅠⅩ в. Албанскиот продор кон македонските територии, под закрила на тур
ската држава, предизвикал селидбени процеси на македонското население. Со неможноста за создавање сопствена македонска држава по падот на Турското Царство, кога европските држави го овозможиле создавањето на албанската држава, продолжиле миграциите на македонското население кон исток, север и југ. Освен воените состојби, причина за преселбите било и формалното вклучување на македонските етнички предели во територијата на новоформираната албанска држава: Мала Преспа (1919), Голо Брдо и Гора (1923) итн. Покрај притисокот врз Македонците во Балканските војни и во Првата и Втората светска војна (времето на Ахмет Зогу и Енвер Хоџа),

Ахмет Зогу
иселувањата не биле целосни, така што значаен број македонско население с“ уште живее во Албанија. Покрај механизмите на државата за албанизација на Македонците, добар дел од нив ја задржале својата етничка култура: јазикот, усната фолклорна традиција и локалната народна носија како невербален симбол на етничкиот идентитет.
Во Албанија не се загарантирани малцинските права. Малцинските заедници се маргинализирани во сферата на економијата, во јавната администрација, во образованието, во легислативата, во политичкиот и јавниот живот, во медиумите итн. Под притисок на државата Македонците во Албанија биле и с“ уште се изложени на албанизација. За олеснување на тој процес, покрај образованието на албански јазик, државата спровела акција за промена на личните имиња и презимиња во албанска форма. Овие потези биле проследени со повеќепатно горење на матичните книги. Само мал дел од Македонците (во девет села од Мала Преспа) имаат привилегија да учат на македонски јазик во основното образование, но со преведени албански учебници. Губењето на елементарните малцински и човекови права на Македонците се совпаѓа со времето на Информбирото (1948), кога тогашната ФНРЈ била екскомуницирана од страна на сталинистичкиот блок држави поради политичките несогласувања.
По завршувањето на Втората светска војна и до 1948 г. постоеле училишта на македонски јазик по одделни села во сите македонски етнички предели во Албанија, а македонско-албанската граница лесно се минувала во двете насоки, со посебни лични и семејни документи за македонското население од пограничниот појас. Од 1948 г. границата станала непробивна, македонските учители биле истерани, а повеќето училишта биле затворени. Во оние што останале да функционираат биле вработени албан-

Еден од бункерите во пограничниот појас
ски учители што се покажало како лош потег, бидејќи не биле во состојба да комуницираат со децата и со нивните родители што зборувале само на македонски јазик. Од тие причини била воведена нова практика на образување учители од редовите на локалното население, кои потоа се враќале во родните села за да ги учат децата на албански јазик преку објаснувања на македонски. Оваа практика се спроведува до денешни дни. Албанските интелектуалци од македонско потекло ја објаснуваат оваа привилегија на Мала Преспа со фактот што видни функционери на некогашната Комунистичка партија (Коци Ѕоѕе, Панди Кристо и други) биле Македонци од Мала Преспа, а Коци Ѕоѕе бил втор човек во државата, по Енвер Хоџа. Се смета дека нивна е заслугата што во селата од Мала Преспа по 1948 г. останал да работи тамошниот учител Никола Беровски и да ги учи децата на македонски јазик. Тоа освоено право се уважува само на територијата на Мала Преспа што претставува специфичен „малцински резерват“, бидејќи со иселување од пределот во други населби во Албанија, жителите го губат правото да бидат Македонци.
По падот на режимот на Енвер Хоџа малцинските етнички групи во Албанија политички се акти

Македонски учители со свои колеги Албанци во Корча по Втората светска војна
вираа, формираа свои партии и граѓански здруженија. Бидејќи државата не се грижи за правата на малцинствата, кои сите заедно прават приближно 1/3 од албанското општество, сите асоцијации се потпираат на сопствени финансиски извори или на дискретна финансиска помош од нивните матични држави. На сличен начин се организирани и Македонците во Албанија. Неколку политички и граѓански здруженија на Македонците: Друштвото „Преспа“ (основано во 1991), Друштвото
„Братство“ (1991), Друштвото „Гора“ (1993), Друштвото „Мир“ (1993) и Друштвото „МЕД“ (Македоно-

Кимет Фетаху, претседател на Македонското друштво „Мир“ во Албанија
ско-егејско друштво) од село Врбник (2000) се обединиле со Резолуција (2001) во Заедница на Македонците во Албанија со седиште во Тирана. Била донесена одлука дотогашниот весник „Преспа“ да прерасне во периодичен весник на За-

Весникот на Македонците од Преспа
едницата и да излегува двојазично (на македонски и на албански јазик). Државното албанско радио еднаш неделно емитува програма од пет минути на македонски јазик, додека на телевизијата никогаш немало емисија на македонски. Во 2002 г. прозвуче првата приватна радиостаница на македонски јазик
„Радио Преспа“ од 7:00 до 8:00 ча-сот, како дел од програмата на Политичкото друштво „Преспа“. Во октомври 2004 г., Заедницата на Македонците во Албанија се преименува во Македонска партија за европска интеграција во Албанија,

Седница на Регионалниот комитет на Партијата на Македонците во Албанија „Македонска алијанса“
којашто е единствена легално регистирирана партија на Македонците во Албанија, која на последните локални избори го доби и единствениот градоначалник Македонец.
ЛИТ.: Турски документи за историјата на македонскиот народ: опширен пописен дефтер, Н° 4 (1467–1468 година)/ редакција Методија Соколоски и Александар Стојановски, Скопје, 1971; Турски документи за историјата на македонскиот народ, 8, кн. 2. Опширен пописен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 година/ превод, редакција и коментар: д-р Александар Стојановски, Скопје, 2000; В. К„нчов, Македония. Етнография и статистика, София, 1900; Боривоје Ж. Миливојеви¢, Јужна Македонија, Београд, 1920 (сепарат од
„Насеља српских земаља“, књ. Џ); Јован Хаџи-Васиљеви¢, Муслимани наше крви у Јужној Србији, Београд, 1924; Д. œранов, Преселническо движение на бÍлгари от Македония и Албания кÍм източните бÍлгарски земи през ⅩⅤ до ⅩⅠⅩ век, „Македонски преглед“, Ⅶ/2-3, София, 1932, 63–118; Мил. С. Филипови“, Дебарски Дримкол, Скопље, 1939; истиот, Голо Бр-до, Скопље, 1940; Бранислав Руси“, Поље Дебарско, „Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје“, Ⅶ/10, Скопје, 1954, 123–186; Милисав Лутовац, Гора и Ополје, „Српски етнографски зборник“, ЛЏИЏ, Населја и порекло становништва, 35, САН, Београд, 1955; Бранислав Руси“, Жупа Дебарска, Скопје, 1957; Галаба Паликрушева, Исламизацијата на Торбе
шите и создавање на торбешката субгрупа, Скопје, 1965 (ракопис на одбранета
докторска дисертација); Крсте Битоски, Бројот и составот на населението во Битолскиот вилает во крајот на ⅩⅠⅩ век, „Историја“, Ⅵ/1, Скопје, 1970, 100–113; Методија Соколоски, Преспанската нахија во текот на ⅩⅤⅠ век, „Годишен зборник на Филозофскиот факултет“, 24/25 (1972/973), 111–125; Томо Томоски, Преспа во Средниот век, „Историја“, ⅩⅤ/2, Скопје, 1979, 49–81; Јован Трифуноски, Албанско становништво у Социјалистичкој Републици Македонији, Београд, 1988; Андрењ Россос, Тхе Бритисх Фореигн Оффице анд Мацедониан Натионал Идентитѕ, 1918–1941, „Славиц Ревиењ“, вол. 53/2, 1994; Божидар Видоески, Дијалектите на македонскиот јазик, И, Скопје, 1998; Назиф Докле, Горански народни песни, „Патрија“, Скопје, 2000; Мехмет Хоџха, Гора дхе Горанет – Весхтрим физик, хисторик дхе етнокултурор, Тиранë, 2002; Божидар Језерник, Македонците: препознатливи според своето непостоење, „ЕтноАнтропоЗум“, 2, Скопје, 2002, 30-79; Анета Светиева, Политизација на етничкиот идентитет на Торбешите („Нашинците“), „ЕтноАнтропо-Зум“, бр. 4, Скопје, 2004; Блаже Ристовски, Кон проучувањето на народната поезија на Гораните, во кн.: Македонскиот фолклор и националната свест. Истражувања и записи, Ⅱ, Скопје, 1987, 312–330;
„Македонски фолклор“, Ⅱ, 3–4. Скопје, 1969, 137–157 и 429–493. Ан. Св.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *