МАНАКИ, Јанаки

МАНАКИ, Јанаки (с. Авдела, Костурско, 1878 – Солун, 1948) – фотограф и, заедно со постариот брат Милтон, први балкански филмски сниматели (од влашко потекло). Ги завршил Основното романско училиште во родното село и Романската гимназија во Битола, со особен интерес за цртањето, калиграфијата и фотографијата. Потоа бил наставник по калиграфија и цртање во Романската гимназија во Јанина, каде што заедно со брат му Милтон отворил и фото-ателје (1898). По андартското палење на родното село, заедно со брата си, се преселил во Битола (1905), каде што отвориле „Ателје за уметничка фотографија“. Од Лондон ја купиле филмската „Камера 300“ (1905), со која го снимиле првиот документарен филм „Ткајачки“ (за дејноста на жените во нивното семејство: влачење на волната, предење, сновење и ткаење). Заеднички регистрирале и низа значајни настани и моменти од секојдневјето во документарните филмови „Влашкото училиште во Авдела или Училиште на отворено“ (1905), „Прославата на Ѓурѓовден“, „Македонски ора“, „Влашка свадба“, „Македонска свадба во Битолско“, „Власи номади – Каракачани“, „Репресии врз македонското население во Битола“,
„Прославата на Св. Кирил и Методиј“ (1905–1908), „Панаѓур кај Света Недела во Битола и во други места“ (1907), „Бесењето на Илинденци“ (1908), „Султанот Мехмед Решад во Солун и во Битола“ (1911) и др. По бугарската окупација на Битола бил интерниран во Бугарија (1916). По враќањето, заедно со братот Милтон, во Битола отворил кино (1918). Подоцна се преселил да живее во Солун (1935), каде што и починал. Зачуван е голем дел од оставнината од фотографии и филмски материјали – околу 100 краткометражни филмски записи и репортажи со околу 1.600 метри филмска лента од 35 мм, 18.513 фото-негативи и 17.854 фотографии.
ЛИТ.: Творештвото на браќата Манаки, Скопје, 1996. С. Мл.

Милтон Манаки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *