МАРТИНЦИ

МАРТИНЦИ – календарски обичај, познат и како Мартинија, Волчји празник и др., поврзан со различни датуми. Трае еден или три дена и најчесто се врзува со Божиќните поклади (27/14 ноември). Со него се поврзани повеќе дејства, со кои му се врзува устата на волкот да не ја јаде стоката. Тоа се правело на тој начин што гребни за коноп или волна се оставале од двете страни на вратата од шталата и по поминувањето на стоката тие се затворале и така се оставале подолог период, со верување дека така ќе им биде затворена и устата на волците. А за да не прават штета, на ваквите магиски дејства против волците се посветени и други денови во годината. Се верувало дека човек што носи облека правена во овие денови, ќе го напаѓаат волците. Во некои места овој празник се врзувал со трите дена по Св. Аранѓел и се викал Волков празник.
ЛИТ.: Зорка Делиниколова, Обичаи сврзани со поедини празници и неделни дни
во Радовиш, „Гласник на Етнолошки музеј“, 1, Скопје, 1960; Марко Китевски, Македонски празници, Скопје, 2001. М. Кит.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *