МАТОВ, Димитар

МАТОВ, Димитар (Велес, 1864 – Дрезден, Германија, 1896) – еден од најпројавените бугарски и македонски фолклористи, чии трудови се одликуваат со висок степен на научност. Во Велес го започнал школувањето, кое го довршил во Русија (гимназија и факултет) во украинските градови Николаев и Харков. На Историско-филолошкиот факултет во Харков (денешна Украина) слушал лекции по лингвистика кај А.
А. Потебња, а историја кај Марин Дринов. По завршувањето на високото образование се враќа во Македонија, каде што во учебната 1888/89 г. ја почнува својата кариера на наставник во Солунската бугарска гимназија. Во овој период почнува и неговиот позголемен интерес кон јазикот и фолклорот, па системно и неуморно ја проучува македонската културна традиција. Станува редактор на списанието „Книжици за прочит“, кое го издава книжарницата на Коне Самарџиев. Во Солун останува само две години. Заминува за Виена и Лајпциг на специјализација по словенска филологија кај професорите Јагиќ и Лескин. Потоа се преселува во Софија, каде што најпрвин е учител во гимназија, а потоа е назначен за соработник во научното списание на проф. Иван Д. шишманов
„Сборник за народни умотворения, наука и книжнина“, на кое во шест години му втиснува белези на високонаучно гласило. Во истиов период активно соработува и во списанието „БÍлгарски преглед“, во кое објавува серија забележани трудови од областа на историјата, јазикот и фолклористиката. Ја застапува тезата за бугарско потекло на Македонските Словени и полемизира со противниците на тоа гледиште. Познати му се „Белешките по етнографијата на Македонија“, во кои води препирки со П. Д. Драганов, К. Хрон, С. Гопчевиќ, Стојан Новаковиќ и др. Пократко време е вмешан и во општествено-политичките настани на времето, па работи како секретар на Врховниот македонски комитет, на чие чело се наоѓал Трајко Китанчев. Умира мошне млад по неуспешна операција во Дрезден. Смртта го затечува како доцент на Софискиот универзитет. Оставил скромни траги во поезијата, сметајќи ја како „грев на младоста“. Г. Т.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *