МЕРКИ И СРЕДСТВА ЗА СУЗБИВАЊЕ НА ШТЕТНИ ШУМСКИ ИНСЕКТИ

МЕРКИ И СРЕДСТВА ЗА СУЗБИВАЊЕ НА ШТЕТНИ ШУМСКИ ИНСЕКТИ – од аспект на заштитата на шумите се делат на превентивни и репресивни. Со превентивните се спречува појавата или ширењето на штетните инсекти, а со репресивните се сузбиваат кога тие се веќе присутни и се во состојба да се прошират и да предизвикаат поголеми штети во шумата. Методите што се користат и при обата случаја можат да се групираат во следниве категории мерки: предзаштита, физичко-механички, биолошки, генетски, хемиски и интегрални. Во првите спаѓаат сите шумскоодгледувачки мерки. Вторите се применуваат кога штетникот е присутен на релативно мала површина, а се користи: механичка сила, оган, висока температура, природна или вештачка светлина, радиоизотопи или електрична струја. Во биолошките мерки се користат природните непријатели, како што се некои корисни видови цицачи и птици, инсекти-паразити, предатори и други членконоги, како и определени видови патогени микроорганизми. Генетските методи за сузбивање на штетните шумски инсекти се состојат во создавањето и размножувањето на нивните слабо витални или неплодни раси. Во хемиските мерки се користат отровни хемиски средства кои можат да ги одбиваат инсектите (репеленти) и кои ги убиваат (инсектициди). Интегралните се најсовремени и претставуваат комбинација на сите претходни мерки. Авиоапликацијата или авиометодата (авиоакцијата) се препорачува само во случаи кога се врши сузбивање на оние штетни видови инсекти што се размножуваат преку градација и предизвикуаат големи штети со своето проширување на големи шумски површини. Ст. Н.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *