МИНИСТЕРСТВА ОД ОБЛАСТА НА ЕКОНОМИЈАТА

МИНИСТЕРСТВА ОД ОБЛАСТА НА ЕКОНОМИЈАТА. За вршење на функциите на државната управа денес постојат 14 министерства на Владата на РМ, а од нив 4 се од областа на економијата. Карактеристики на министер
ства од областа на економијата имаат следниве: Министерството за економија, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за транспорт и врски. Министерството за економија ги врши работите што се однесуваат на состојбите и појавите на пазарот на стоки и услуги и влијанието на мерките на економската политика; економските, структурните и техничко-технолошките состојби; тековната економска политика во областа на производството, трговијата, туризмот, угостителството и занаетчиството; системот и политиката на цените на производи и услуги; надворешнотрговското работење; енергетиката и други работи утврдени со закон. Министерството за финансии ги врши работите што се однесуваат на системот на финансирање; даночниот и царинскиот систем; макроекономската политика и политиката на развој на националната економија; системот на банки, штедилници и други финансиски посредници; системот на девизно работење; јавниот долг; стоковните резерви и платниот промет и други работи утврдени со закон. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги врши работите што се однесуваат на користење на земјоделското земјиште, шумите и другите природни богатства; ловот и риболовот; заштитата на добитокот и растенијата од болести и штетници; водите; хидромелиоративните системи и други работи утврдени со закон.
Министерството за транспорт и врски ги врши работите што се однесуваат на патниот сообраќај и патната инфраструктура; железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура; воздушниот сообраќај и воздушната инфраструктура; телекомуникациите и телекомуникациската инфраструктура; станбено-комуналните работи, уредувањето на просторот и управувањето на градежно земјиште во сопственост на државата и други работи утврдени со закон. Одредено влијание во сферата на економијата имаат и
другите министерства на Владата, но тие се надлежни за посебни области за кои се формирани (одбрана и заштита, социјална сфера, образование, култура, правда, здравство, локална самоуправа и сл.). Значително влијание врз економијата имаат и одредени секретаријати (сектори) во составот на Владата (за европски интеграции, за странски инвестиции, за информатичко општество и др.).
ИЗВ.: Закон за организација и работа на органите на државната управа, „Службен весник на Република Македонија“, бр. 58/2000 и 44/2002. М. С.

Лилјана МиноваЃуркова

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *