МИЉОВСКИ, Кирил

МИЉОВСКИ, Кирил (Ресен, 27. Ⅴ 1912 – Скопје, 27. Ⅳ 1983) – економист, унив. професор, научен истражувач, општественик, дипломат, академик. Основно образование завршил во родниот град, средно образование во Охрид и во Битола (1931), а дипломирал на Ветеринарниот факултет на Универзитетот во Загреб (1939). За професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје е избран во 1947 г., на Економскиот факултет во Скопје во 1950 г., каде што останува до пензионирањето (1981). На додипломските студии на Економскиот факултет во Скопје ги предавал предметите политичка економија и развој на економската мисла, а на постдипломскиот студиум „Економски развој и методи на економската анализа“ предавал материја од областа на регионалниот развој и недоволно развиените подрачја. Извршувал значајни и одговорни општествено-политички функ
ции: бил учесник во НОБ, член и секретар на АСНОМ, а потоа и член на Президиумот на АСНОМ, прв претседател на Планската комисија на НРМ, републички јавен обвинител, министер за трговија и снабдување во Владата на Македонија, прв ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во два мандата), редовен член на МАНУ од нејзиното формирање (1967), секретар на Одделението за општествени науки и член на Претседателството на МАНУ, амбасадор на СФРЈ во Данска и во Бугарија, пратеник од СРМ во Сојузното собрание, член на Економскиот совет на Владата на СФРЈ. Бил основач и прв главен и одговорен уредник на сп. „Стопански преглед“, прв претседател на Научната секција на Сојузот на економистите на Југославија, член на редацискиот одбор на сп. „Економист“, прв главен и одговорен уредник на „Прилози“ на Одделението за општествени науки во МАНУ, главен и одговорен уредник или член на редакциски одбори на повеќе други списанија („Наш весник“, „Народен глас“,
„Илинденски пат“, „Сциентиа Ѕугославица“ и др.). Автор е на повеќе од 170 научни и стручни трудови – книги, учебници, научни проекти, монографии и статии објавени во бројни списанија во СФРЈ. Под негово раководство (ментор или член во комисија) мнозина економисти се стекнаа со дипломи за магистерска или докторска титула. Бил раководител на бројни и значајни научни проекти (или член на работни тимови) од различни домени. Неговата научноистражувачка работа е реализирана во повеќе области на економската наука и стопанската практика (економска теорија, стопанска историја, стопански систем и економска политика, стопански развој, регионален развој, население и работна сила, развој на економската мисла и сл.), но и во одредени неекономски области (националната историја на Македонија, социологијата, етнологијата, културата и др.). Дал придонес за развојот на дисциплините што ги предавал на Економскиот факултет во Скопје, за создавањето високостручни и научни кадри од доменот на економијата, за разрешувањето на бројни проблеми во економијата на СРМ и на СФРЈ, за афирмација на македонската нација и државноста на Македонија, за развојот и афирмацијата на МАНУ и на Универзитетот, како и на Економскиот факултет во Скопје, а како еден од основоположниците на економската наука во Македонија по Втората светска војна придонел и за развојот на економската мисла во нашата земја.
БИБЛ.: книги и учебници: Македонското прашање во националната програма на КПЈ (1919–1937),Скопје, 1962; Проблеми на теоријата и политиката на недостатно развиените подрачја во Југославија, Скопје, 1974; Концепција за регионалниот развој на СР Македонија, Скопје, 1975; Основите на регионизацијата и контурите на идните региони во СР Македонија, Скопје, 1977; Стопанскиот развиток на општината Ресен (коавтор и редактор); Развојот на економската мис-ла, Скопје, 1981; позначајни научни проекти (раководител): Положбата на трговијата во Македонија на преминот во ⅩⅩ век (1949); Улогата на тутунот за стопанството на Македонија (1954); Концепција за долгорочниот регионален развој на Македонија (1974-75); Просторно планирање во Македонија; Нерамномерниот регионален развој во економската теорија и практика (1979); Населението и општествено-економскиот развој на СР Македонија до 2000 година (1978–1980); Стопанскиот развиток на Македонија меѓу Првата и Втората светска војна
(недовршен).
ЛИТ.: Никола Узунов, Придонесот на Кирил Миљовски за економската наука и макроекономската политика во Македонија, МАНУ, Скопје, 2003. М. С.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *