МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ИНДУСТРИЈАТА

МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ИНДУСТРИЈАТА – осовременување на индустријата како дејност (сектор) со клучно значење во економијата. Процесот на транзиција во РМ ја наметна потребата од нов развоен циклус, со кој ќе се заживее и ќе се реконструира индустријата. Оваа потреба се надоврза на нејзиното производно и сопственичко преструктурирање и се огледа во воведувањето нова техника и технологија, но и современи форми на менаџмент и маркетинг. Впрочем, една од најважните задачи, покрај надминувањето на неповолната производствена структура, претставува подигнувањето на степенот на техничко-технолошката развиеност на индустријата за да се оствари повисок степен на конкурентност. Вообичаено, модернизацијата на индустријата е објективен процес што започнува по појавата и по определен период на развој на индустријата. Во нормални услови на развој, модернизацијата на индустријата се реализира како техничка и организациона. Техничката модернизација зависи од нивото на научно-техничкиот прогрес во дадениот момент, и во основа се состои од воведување нова техника и технологија, замена на старата со нова опрема и со нови технолошки постапки. Од аспект на енергетскиот погон, модернизацијата некогаш се состоеше во воведување на електричната енергија и мазутот наместо јагленот, а во РМ денес тоа е воведувањето на гасот. Оптимизацијата на капацитетите, односно постигнувањето на обемот на производство со најниски трошоци по единица производ, исто така е дел од техничката модернизација. Организационата модернизација подразбира воведување нови форми на организација на производството. Во македонската индустрија, покрај подобрувањето на внатрешната организација на производството, оваа модернизација се изразува, пред сè, преку воведувањето современи форми на менаџмент и маркетинг, како и примената на современата информатика и телекомуникации во управувањето на фирмите. Од историски аспект, зачетокот на процесот на модернизација може да се лоцира некаде во средината на 1960-тите години. Во контекст на Стопанската реформа од 1965 година (во рамките на поранешниот систем), по две децении индустриски развој се оцени дека наместо изградба на нови индустриски капацитети, треба да започне процес на реконструкција и модернизација на веќе изградените индустриски капацитети. Во РМ, поради недоволната изграденост на индустријата, тогаш сè уште не беа созреани условите за нејзина модернизација, па продолжи процесот на изградба на нови, напоредно со реконструкцијата на постојните капацитети. По започнувањето на транзицијата, модернизацијата на индустријата во РМ се одвиваше во многу неповолни услови. Покрај другите причини, како пречка се појави потребата за преструктурирање на индустријата. Во услови на воведување нов економски систем, нејзиното преструктурирање е поширок процес од вообичаеното изградување нова индустриска структура, а покрај сопственичкото, го опфаќа и управувачкото, техничко-технолошкото и организационото преструктурирање.
ЛИТ.: Никола Узунов, Ангел Георгиев, Пеце Недановски, Применета економија, Скопје, 2003; Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија – Развој и модернизација, МАНУ, Скопје, 1997; Економски факултет – Скопје, Економски институт – Скопје, Правен факултет
– Скопје, Економски факултет – Прилеп,
Макропроект: Економскиот развој на СР Македонија во периодот 1991–1995 година (Преструктурирање на стопанството) – сводна студија, Скопје, 1990. П. Н.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *