МОЈСОВСКИ, Ангел

МОЈСОВСКИ, Ангел (Ораовец, Велешко, 15. Ⅴ 1923 – Скопје, 17. Ⅲ 2001) – генерал, активен воен старешина во единиците на Македонската војска во времето на НОБ и по ослободувањето, народен херој. Учесник во сите демонстративни акции пред војната. Член на СКОЈ и учесник во подготовките за кревање на оруженото востание (1941). Во 1942 г. бил борец на шарпланинскиот, а во 1943 г. и во Кумановскиот одред. Бил командант на Вториот баталјон „Орце Николов“, а подоцна и на Третиот баталјон на Третата МНОУБ. Член на КПМ од 1943 г. Учествувал во многу борби во источниот дел на Македонија, како и на целиот марш од Егејскиот дел на Македонија и назад. Во август 1944 г. бил тешко ранет во судир со бугарската војска, по што бил префрлен на лекување во Бари (Италија). По војната бил командант на КНОЈ-евската дивизија, на ⅩⅠⅠ бригада и на други воени единици, а едно време ја извршувал и функцијата инспектор на Главната инспекција на ЈНА. Пензиониран во 1980.

ЛИТ.: Војна енциклопедија, 2, Београд, 1971; Лексикон Народноослободилачког рата и револуције у Југославији 1941–
1945, 1, Београд, 1980. Ѓ. Малк.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *