МУРАД, Ферид

МУРАД, Ферид (Ваитинг, САД,
14. Ⅸ 1936) – фармаколог, редовен проф. на Унив. Тексас, Хјустон, академик. Неговиот татко е роден во Гостиварско, Македонија. Дипломирал на ДеПауњ универзитетот во Индијана, група биологија и хемија (1958), а во 1965 г. дипломирал истовремено клиничка и институтска медицина (ПхД) на Њестерн Ресерве универзитетот во Кливленд (САД). Од 1965 до 1967 г. специјализира интерна медицина во Општата болница во Масачусетс. Непосредно по специјализацијата заминува во НИХ – Бетхесда, Институт за болести на срцето, Вашингтон. Во 1970 г. основал Оддел за клиничка фармакологија при Клиниката за интерна медицина на Унив. во Вирџинија, а во 1975 г. се здобива со звањето редовен професор и е еден од најмладите редовни професори на универзитетите во САД. Во 1981 г. ја прифаќа понудата на Стендфорд универзитетот во Калифорнија за шеф по интерна медицина во Пало Алто Ветеранс болницата, а во 1988 г. станува потпретседател на биотехнолошка компанија Абботт. Во 1997 г. станал директор на Институтот за интегративна биологија, фармакологија и физиологија на Унив. во Хјустон, Тексас. Резултатите од неговите 40-годишни научни истражувања претставуваат монументална контрибуција на медицинската наука и практика. Тој е еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за медицина за 1998 г. за идентификување и утврдување на бројните функции во организмот на азотниот оксид, првата сигнална молекула во форма на гас. Објавил повеќе од 300 труда во најреномираните научни списанија. Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав на 10. Ⅴ 2000 г. Г. Ефр.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *