НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“

НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“ (реонот на с. Габровник, Велешко, 21. Ⅸ – манастир „Св. Никола“ кај с. Прилепец, Прилепско, 19. ⅩⅠⅠ 1942) – партизанска единица на НОВ и ПОМ. Бил формиран по реорганизацијата на партизанските единици во Велешко и во Прилепско (21–25. Ⅸ): за Велешко бил формиран НОПО „Димитар Влахов“, а за Прилепско НОПО „Ѓорче Петров“. Тоа е всушност реорганизираниот и преименуван Прилепски НОПО „Димитар Влахов“, кој влегол како прва чета на новиот Одред, а како втора чета требало да бидат борците од НОПО „Јане Сандански“, кои дејствувале во Битолско. Дејствувал против бугарските сили во селата Дабница, Десово, Ореов Дол, Беловодица, Плетвар, Лагово, Забрчани, Дупјачани и Мажучишта (до декември 1942). Подоцна Одредот бил опколен од надмоќни бугарски сили и разбиен (19. ⅩⅠⅠ 1942).
ЛИТ.: Петар Пепељуговски, Формирањето на одредот „Ѓорче Петров“ и борбата на првата чета кај манастирот Прилепец во 1942 година, Прилеп и Прилепско во НОВ 1942 година, кн. прва, Скопје, 1978, 339–353; Борис Павловски, Обиди за реализирање на задачите на Главниот штаб за поврзување на одредите „Ѓорче Петров“ и „Јане Сандански“, на истото место, кн, втора, Скопје, 1978, 203–214; Д-р Симо Младеновски, Народниот херој Киро Нацев-Фетак, „Беседа“, Ⅸ, 25–26, Куманово, 1982, 120–149. С. Мл.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *