НАУМОВСКИ, Бранко Јосифов

НАУМОВСКИ, Бранко Јосифов
(с. Дихово, Битолско, 1. Ⅲ 1941) – поет, раскажувач, писател за деца и за возрасни, новинар. Основното образование го завршил во селото, Учителската школа и Педагошката академија во Битола, а Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1970 г. живее и работи во Сиднеј (предградие Рокдаел) во Австралија. Веднаш ја формирал првата драмска група во Рокдаел и во негова режија ги поставува драмите „Печалбари“ од А. Панов и „Бегалка“ од В. Иљоски. Прв преподавател во средното училиште со настава по македонски јазик во Когра (1981) и предавач по македонски на Семинарот за наставници по југословенски јазици (1986). Неколку години работи во Мултикултурниот центар на Министерството за образование на Нов Јужен Велс, каде што подготвува учебници за редовната настава по македонски јазик во основните училишта: учебник за Ⅴ и Ⅵ одделение „Античка Македонија“ (1986) иза Ⅳ одделение „Зборот наш македонски“ (2006). По повод Деновите на македонската култура во Австралија, во Кабрамата го отворил Македонското етничко училиште „Св. Климент Охридски“ (1986). Развива разнострана општествена, просветна и културна дејност сред Македонците во Австралија. Активен член е на Македонското литературно друштво на Австралија „Григор Прличев“ во Сиднеј и на Редакцијата на сп. „Повод“; радиоводител на македонските радиостаници „Македонија“ и „Радио Луна“ и соработник на весници и списанија во Македонија. Член е на Друштвото на писателите и на Здружението на новинарите на Македонија (1990) во Скопје и на Друштвото за наука и уметност во Битола (2006). Автор е на повеќе поетски и прозни публикации за возрасни и за деца и учесник на Меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата во Струга. Добитник на повеќе награди и признанија во Австралија и во Македонија.
БИБЛ.: Чувар на детските спомени (Сиднеј, 1985); Време за спомен (Сиднеј, 1986); Вратете ми ги времињата (Скопје, 1990); Свети синори (Битола, 1997 и 2006); Прострелана ѕвезда (Битола, 2006). Бл. Р.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *