НИКОЛОВСКИ, Властимир

НИКОЛОВСКИ, Властимир
(Прилеп, 20. ⅩⅠⅠ 1925 – Скопје, 28. Ⅲ 2000) – композитор. Еден од најплодните македонски автори на ⅩⅩ век. Создал околу 140 творби за најразлични состави. Особено маркантни се неговите вокално-инструментални композиции (ораториуми, кантати) и неговите оркестарски дела. Сепак, највисоките творечки дострели ги остварил на полето на хорската музика и во делата во кои доминира човечкиот глас. Во целото свое творештво Н. се инспирирал од фолклорот. Неговото композиторско кредо е дека треба да се одбегнуваат радикалните постапки на музичката авангарда од ⅩⅩ век, би-дејќи тие се само израз на творечката немоќ и стерилност. Токму затоа неговиот музички јазик е умерен, експресивен, со потпирање на духовното и фолклорното поднебје на Македонија. Се занимавал и со публицистика. Напишал над 30 статии, во кои обработува проблеми главно сврзани со македонското музичко творештво. Во текот на својот богат живот извршувал многу важни стручни и општествени задолженија (директор на Операта, декан на ФМУ, претседател на СОКОМ итн.). Избран е (1981) за редовен член на МАНУ.
ДЕЛА: Сердарот, кантата (1963); ораториуми: Клименту (1966); Кирилу (1969); Непокор (1979); три симфонии (1957– 1975); Концерт за пијано и оркестар (1978); Концерт за виолина и оркестар (1987); По патиштата, вокален циклус (1969); Црнила, за глас и гудачи (1984); идр. М. Кол.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *