НИКОЛОВ-СКЕНДЕР, Стефо

НИКОЛОВ-СКЕНДЕР, Стефо
(с. Бесена, Преспанско, 1855 – Чеган Планина, Леринско, мај 1902)
– кресненски војвода, претседател на Народното собрание на Македонија, турски затворник и предилинденски војвода на ТМОРО. Како 13-годишник тргнува на работа по анадолските гратчиња, а по 8 години се враќа во родниот крај и станува овчар во с. В’мбел. Цела зима во својата колиба го чува комитата Васил Журката. Учествува во убиството на зулумќарот Чолак Реџеп, но е наклеветен и подгонет од Турците, па се одметнува в планина и создава дружина. Се прославува како народен заштитник и уништувач на турските и албанските бабаити. Есента со тешки битки заробува цела турска потера и се префрла во Грција, каде што со грчките востаници се бори во Тесалија. Кога разбира дека во Костурско беснее, пљачка, убива и бесчести кесеџијата Мајљо-бег, тој ја собира дружината и се враќа во Костурско, ги очистува зулумќарите и со придружените војводи Никола Гиза и Михаил Дарда го подготвуваат населението за општо востание. Есента, преку Мариовско и Кочанско, се префрла на презимување во Бугарија. Пролетта одново дружината се собира и го развева знамето по малешевските, мариовските и костурските планини. Учествува во Кресненското македонско востание (1878–79), а потоа станува претседател на Народното собрание на Македонија во Гремен-Теќе (1880). Во 1883 г. заминува во Тиквешко и го ликвидира злосторикот Адем-ага од с. Градец. Има силна битка со потера кај с. Рожден и после кај с. Бапчур. Се префрла во Грција, но тука го обвинуваат за убиство и 13 години лежи во грчки затвор. Во 1900 се враќа во Софија, а во мај 1902 г. одново со чета влегува во Македонија и загинува во битка со силна турска потера кај с. Горничево (Леринско) на планината Чеган.
ЛИТ.: М. К. ЦепенковÍ, Војвода Стефо Николов Скендер, „Македония“, Ⅱ, София, 12–16. Бл. Р.

Антоние Николовски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *