„
НОВА МАКЕДОНИЈА“ – прв дневен весник на македонски јазик установен како „државен орган-весник“ со Решение на Президиумот на АСНОМ од 2–5 септември 1944 г. Во текот на подготовките, во с. Г. Врановци се појавил претходникот на весникот
„
Наша хроника“ со 11 броја (30 септември – 20 октомври). Првиот број на „Нова Македонија“ носи датум 29 октомври 1944 г. Отпечатен бил во илегално дислоциран дел на скопската печатница
„
Гоце Делчев“ во Г. Врановци. Редактор Васил Ивановски. Вториот број бил отпечатен во Битола, а од третиот (22 ноември) се печати и излегува во Скопје. Го подготвувала Агитационо-пропагандната комисија на ЦК на КПМ на чело со Веселинка Малинска. Во првото редакциско јадро биле и уредниците Дејан Алексиќ и Васил Ивановски, репортерите Анѓа Веиновиќ (Џувалековска), Драгољуб Будимовски, Иван Точко, карикатуристот Василие Поповиќ-Цицо и Блаже Конески со членови на Одделението на АГИТПРОП за превод и редактирање. Како врсник, сведок и хроничар, одејќи во чекор со државноста, настаните и развојот, весникот одиграл голема улога во афирмирањето на националното достоинство на македонскиот народ и неговиот идентитет. По ликвидацијата, во декември 2003 г. брендот на „Нова Македонија“ го откупил
Зоран Николовски, в.д. главен и одговорен уредник Александар Димковски. Потоа како издавач се јавува „НИК Нова принт“, директор Ратко С. Лазаревиќ, главен уредник Александар Дамовски, а одговорен уредник Зоран Андоновски. Б. П. Ѓ.