ОВЧАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

ОВЧАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ – трудови народни песни. Изобилуваат со бројност и разновидност. Тие го опеваат тешкиот и осаменички живот на овчарите во планината, среде суровата природа, далеку од селото, од своите најблиски и другарите. Овчарот бил изложен на многу опасности, како од дивите ѕверови, исто така и од природните стихии. Во тие околности, во песните тој разговара со своето стадо, овенот водач, овцата рогуша, со секогаш верните кучиња, а сите свои чувства ги искажува низ мелодијата на кавалот. Овчарите и нивните стада биле честа мета и на разни разбојнички банди, особено кога државната управа била слаба и владеело масовно безвластие. Оваа појава била мошне честа во Западна Македонија, од каде што потекнуваат повеќе песни со овој мотив. Семејните и овчарските проблеми биле меѓусебно поврзани и тоа го регистрира и песната:
…дури ми беше овчар неженет,/ ја си пасев горе в планина,/ вода си пиев од изворите / и си пладнував под ладни сенки./ Откако ми се овчар ожени,/ сега си паса по селиштата,/ по селиштата, по буништата,/ вода си пија по бариштата / и си пладнува под стреиштата.
ЛИТ.: Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје, 1988; Марко Китевски, Македонска народна лирика (митолошки, трудови, семејни, хумористични, љубовни песни), Скопје, 2000; Македонска народна лирика, избор, редакција и предговор д-р Марко Китевски, Скопје, 2002. М. Кит.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *