ОДНОСИТЕ МЕЃУ МПЦ И СПЦ

ОДНОСИТЕ МЕЃУ МПЦ И СПЦ. Првата епископија на јужните Словени ја основал св. Климент Охридски, која, по прогласувањето на Самуил за цар, добила највисоко црковно ниво – Патријаршија, а по пропаѓањето на Самуиловото Царство (1018), Василиј Втори ја свел на понизок ранг (Охридска архиепископија) и така опстанувала сè до 1767 г., кога незаконски е укината од султанот Мустафа Ⅲ. Во согласност со ⅩⅤⅠⅠ канонско правило од Ⅳ вселенски собор, српската држава на Стефан Немања (1219) пројавува амбиција за прогласување српска православна црква, независна од Охридската архиепископија, но не

Од средбата на претставниците на МПЦ и СПЦ (2004)
канонски преку добивање согласност/благослов од охридскиот, туку од друг, ненадлежен архиепископ. Кога Османлиите ја укинуваат Пеќската патријаршија (средината на ⅩⅤ в.), дел од нејзините епархии се ставаат под јурисдикција на Охридската архиепископија, и обратно, во 1557 г. се обновува Пеќската патријаршија, а од јурисдикцијата на Охридската архиепископија се одземаат дел од епархиите во Македонија. Во 1920
г. српската влада ги купува македонските епархии од Цариградската патријаршија, спротивно на канонските правила, без согласност на нивниот епископ, и оттогаш, претежно врз тој факт, го темели „историското право“ како црква-мајка во однос на МПЦ. Исклучок е периодот 1950– 1959 г., кога српски патријарх е Викентие, кој почнал да работи на решавање на прашањето за автокефалност на МПЦ, неуморно покренувана од македонските духовни лица, со огромна поддршка од македонските верници, изречно изразена на И и Ⅱ црковнонароден собир. Светиот архијерејски синод на СПЦ на 17. Ⅵ 1959 г. дава согласност (канонски отпуст) македонските епархии да се издвојат во самостојна Македонска православна црква што ќе се управува според свој, новодонесен устав, предводена од сопствен црковен поглавар – архиепископ. Набргу потоа, по сугестија на Цариградскиот патријарх Атинагора (Грк по потекло), повторно заживува скриениот, но сè уште многу силен српски хегемонизам и одлуката почнува да се игнорира како воопшто да не постои, што доведува до револт кај македонското црковно и духовно братство, кое на 18. Ⅶ 1967 г. ја прогласува МПЦ, како наследничка на обновената Охридска архиепископија, за афтокефална. Оттогаш МПЦ чека признавање од СПЦ. Меѓу двете цркви во тек се преговори околу клучниот проблем, во кои (во својство на медијатор) се вклучува и Руската православна црква.
ИЗВ.: Цане Мојаноски, Автокефалноста на Македонската православна црква. Документи, Скопје, 2004.
ЛИТ.: С. Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје, 1989; Д. Димевски, Решавање на спорот меѓу Македонската и Српската православна црква со користење политички и дипломатски техники и методи, магистерски труд, Скопје, 2007. Т. Петр.

Синагогата „Озер Далим“, Битола

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *