ОПЕРАТА ВО МАКЕДОНИЈА

ОПЕРАТА ВО МАКЕДОНИЈА
– првите музичкосценски пројави во Македонија се случуваат во ⅩⅠⅩ в. како музичка придружба, главно со народни песни и танци, на одделни драмски текстови. Подоцна овие придружби се прошируваат со солистички и вокалноинструментални фрагменти. На почетокот на ⅩⅩ в. во Софија В. Чернодрински ја создава и ја претставува оперетата „Срешта“, посветена на Г. Делчев (1903), а во некои градови, како Скопје, Битола, Штип, Гевгелија, на тој начин се изведуваат драмите на познатите македонски писатели Антон Панов, Ристо Крле и Васил Иљоски (Печалбари, Чорбаџи Теодос, Парите се отепувачка, Бегалка, Антица и др.) исто така се прикажуваат со придружба на музика од фолклорен, но и световен карактер. Во 30-тите години оваа придружба, особено во Скопје, се изведува со оркестарски состави од воени музичари и наставници од музичката школа

„Мокрањац“, диригирани од воени капелници (Л. Дворжак, В. Недала, С. Дреновац). По Првата светска војна во Скопскиот народен театар се даваат во полупрофесионална изведба неколку, во тоа време популарни оперети: Мамзел Нитуш, Гејша, Ученикот-питач, но и оперетите Лилјакот од Ј. штраус и Барон Тренк од С. Албини. Исто така во овој театар публиката имала можност да ги чуе и оперите Травијата, Трубадур, Мадам Бетерфлај, Кармен. Значајна улога во пропагирањето на оперската музика имал и градот Штип со дејноста на двајца ентузијасти – музичкиот педагог, композитор и диригент Сергеј Михајлов (1885– 1975) како музички раководител и професо
рот Душан Будимировиќ како режисер. Со заедничката повеќегодишна дејност на овој тандем, пред Штипската публика, со пијано-придружба, се претставени оперите Палјачи, Севилскиот бербер и делумно Фауст. По крајот на Втората светска војна, во ослободената татковина група музичари (Т. Скаловски, П. Б. Кочко, Т. Прокопиев, С. Гајдов, Ж. Фирфов со солистите Ј. Савченко, Д. Фирфова, П. Б. Кочко,
С. Русјаков, М. Гушевска и Г. Атанасова-Марковиќ), хор и оркестар, под диригентството на Т. Скаловски, на 9 мај 1947 г. ја подготвуваат и ја даваат првата опера на македонски јазик – Кавалерија рустикана од П. Маскањи, со што е означен почетокот на работењето на Операта на МНТ, која денес по 60-годишно постоење и активност има изведено повеќе од 70 опери и голем број вокално-инструментални дела.
ЛИТ.: Драгослав Ортаков, Фимчо Муратовски, Волшебниот Орфеј – 55 години Македонска опера, Македонски народен театар, 2003, Скопје; Ристе Стефановски, Славомир Маринковиќ, Македонски народен театар
– Летопис, 1945-1995, Македонски народен театар, 1995, Скопје. Ф. М.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *