ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ И НЕВРАБОТЕНОСТА

ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ И НЕВРАБОТЕНОСТА. Економијата на трудот се обидува да ги објасни функционирањето на пазарот и динамиката на трудот. Макроекономијата на пазарите на трудот ги опфаќа вработеноста и невработеноста како нивоа (стоцк варијабли) и стапката на вработување како динамички параметар. Микроекономијата е предоминантно со неокласична основа и ги објаснува рамнотежата на пазарот на трудот, флексибилноста, еластичностите и платите. Пазарите на трудот, на капиталот, на услугите и на производите се основните пазари во кои оперираат фирмите и индивидуите. Пазарот на трудот функционира преку интеракција на работниците и работодавачите. Покрај определени специфичности и институции, кои не се сретнуваат на другите пазари, фундаменталните карактеристики и механизми на функционирањето на пазарот на трудот се блиски на другите пазари. Од тие причини, анализата на пазарот на трудот се потпира на истите генерални принципи за алокација на ресурсите. Економијата на трудот специфично ја анализира понудата на услугите на трудот (работниците), побарувачката на услугите од трудот (работодавачите) и со нив поврзаните обрасци на наемнини, вработеност и доходи. Економистите сметаат дека ефикасноста на трудот е под влијание на образованието, знаењето и социјалниот систем. Невработеноста во економските термини се појавува кога постојат адекватно квалификувани работници кои се подготвени да работат според преовладувачките наемнини, но не можат да најдат вработување. Во структурата на денешните пазари на трудот доминираат главно три типа невработеност: фрикциска, структурна и циклична. Полната вработеност, или намалувањето на невработеноста е меѓу доминантните цели на многу влади. Во периодот пред Втората светска војна, Македонија се вклопуваше во типичните карак
теристики на неразвиена, аграрна земја со над 75% од населението ангажирано во земјоделските активности. Моделот на форсирана индустријализација, придружен со високи капитални инвестирања и обемни трансфери на ресурсите, доведе до брза деаграризација и напуштање на земјоделството и руралните населби. Развојот на индустријата и брзата урбанизација повлече големи контингенти население во секундарниот сектор: индустриската вработеност и градежништвото. Интензивните структурни поместувања симултано се одразуваат и врз структурата на вработеноста. Учеството на земјоделското во вкупното население е намалено од 71%, 1948 г., на 22%, 1981 г. Учеството на индустриските работници во истиот период се зголемува од 22%, 1952 г., на 38,5%, 1981 г. Во структурата на вработеноста доминираше ниско продуктивниот индустриски и земјоделски труд. Екстензивниот модел на економски раст доведе до тенденциско опаѓање на ефикасноста во употребата на ресурсите и до намалување на капацитетот за вработување. Преминот од екстензивен во интензивен модел од средината на шеесеттите години ја покажа прикриената невработеност (дисгуисед унемплоѕмент) и доведе до растечка, отворена невработеност. Во шеесеттите и седумдесеттите години, меѓу другото како последица на ограничениот капацитет на економијата да генерира работни места, дојде до значителен одлив на работната сила во странство. И покрај значителниот пораст на вработувањето во домашната економија, бројот на лицата што бараа работа тенденциски растеше, од 6 000, 1952 г., на 128 000, 1984 г. По осамостојувањето, долгата транзиција и отсуството на значителен економски раст го изострија проблемот на невработеноста до ниво на централен економски и социјален проблем. Наспроти значителните реформски обиди, макроекономските индикатори на македонската економија се неповолни. Според поголем број извори, и покрај одделни контроверзии поврзани со статистичките податоци, Македонија спаѓа во земјите со највисоки стапки на невработеност во Европа. Перзистентно високата невработеност, повеќе отколку нискиот доход, претставува клучниот фактор на сиромаштијата. Практично, во различни степени, присутни се сите познати типови на невработеност. Невработеноста е од претежно структурен карактер, обележена со висо
ка стапка на долгорочна невработеност и со ниско образовно ниво на невработените. Покрај структурните диспаритети, понудата на трудот фундаментално е поголема од побарувачката. Постои широк расчекор помеѓу понудата и побарувачката, пазарот на трудот е сегментиран и е во длабоки дисторзии. Во стандардните аналитички модели, за разлика од македонскиот случај, невработеноста е задоцнет индикатор на економскиот циклус во фазата на опаѓање на реалниот раст на БДП. Ниската стапка на економски раст последниве две децении е главна причина за високата невработеност. Острите контракции на економската активност за време на транзицискиот период го подигнаа нивото на неформална вработеност. Бавното реструктурирање на економијата дава слика на стагнантна економија. Централен проблем, кој се одржува, претставува недостигот на побарувачка за труд во формалниот сектор. Вкупната економска ситуација има сериозни импликации во спроведувањето на натамошните реформи во економијата од постприватизациониот период и специфично во пазарот на трудот.
Број на вработени и невработени лица (во илјади)
Година Вработени Невработени
1996 542 257
1997 506 287
1998 531 284
1999 538 261
2000 543 261
2001 583 263
2002 549 263
2003 545 316
2004 523 309

Извор: Државен завод за статистика (2005), Анкета за работната сила (2004), Лабор Форце Сурвеѕ (ЛФС).
Намалувањето на невработеноста, која е меѓу најсериозните економски и социјални проблеми, бара битни институционални промени, подигање на вкупната факторска продуктивност, на ефикасноста и конкурентноста на македонската економија, динамичен економски раст, адекватни социјални политики и поадекватна дистрибуција на доходот и на ресурсите.
ЛИТ.: Државен завод за статистика, „Годишник“, соодветни години; Национална стратегија за економски развој на Република Македонија – развој и модернизација, МАНУ, Скопје 1997; Њорлд Банк: Мацедониа, Цоунтрѕ Ецономиц Меморандум, Тацклинг Унемплоѕмент, Репорт Но. 26681–МК, 2003. Г. Пет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *