ПАРК-ШУМИ ВО РМ

ПАРК-ШУМИ ВО РМ – имаат статус на градско или вонградско јавно зеленило, со заштитна и/или рекреативна функција. Во Скопје се прогласени Парк-шумата „Водно“ (1976 г., Собрание на град Скопје) и Реонскиот парк „Гази Баба“ (ОУП, 1965), озеленет и изграден како парк-шума. „Водно“ зафаќа површина од околу 4.573.000 ха и има еколошки (спречување на ерозивни процеси) и рекреативен карактер. Во педесеттите години на ⅩⅩ в. е извршено пошумување, а во следните години уредување на Парк-шумата за да може да се користи за рекреација. Заштитата на Паркшумата „Водно“ е особено значајна од аспект на заштитата на биолошката разновидност – застапени се 1.010 растителни видови, од кои преку 800 се автохтони; 12 растителни заедници; разновидна фауна, од која најинтересни се дневните пеперутки, голем број птици и др.; голем број видови се од европски интерес за заштита. Парк-шумата „Гази Баба“ (преку 105 ха) е подигната со изградбата на индустрискиот капацитет Железара – Скопје, како заштитна зелена зона, со санитарна функција. Бидејќи се наоѓа во средиштето на урбаната структура, има и значајна рекреативна функција. Во 1998 г. стекнува статус на карактеристичен пејзаж, согласно со Законот за природни реткости (1973). С. Х. П.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *