ПАТРИСТИКА

ПАТРИСТИКА (лат. патрес = отци) – учење на црковните отци. Врз делата на црковните отци се градела догматиката и теолошкото учење на христијанството. Поради тоа, овие книжевни текстови биле рангирани веднаш по текстовите на Светото писмо. Делата се користеле на екуменските собори за формулирање на црковните догми. Според содржината, тие зафаќале догматски, егзегетски, аскетско-филозофски, логичко-граматички, дидактички и полемички теми. Меѓу најголемите имиња на патристиката се авторите од т.н. златен век на патристиката: св. Атанасиј Велики, св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов, св. Григориј Ниски, св. Јован Златоуст, св. Ефрем Сирин, св. Максим Исповедник, св. Јован Дамаскин, св. Симеон Нов Богослов, св. Григориј Палама. Патристичкото влијание се пренело и врз јужнословенските христијански простори. Делата на црковните отци станале основа на многу преписи на грчки јазик, но и на преводи и дополнувања во словенската ракописна традиција. Во македонското средновековно ракописно наследство се регистрирани многу текстови инспирирани, преведени или препишани од делата на патристичките автори.
ЛИТ.: И. Колариђ, Филозофско-теолошки лексикон, Ужице, 2000. В. Г.-П.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *