ПЕНЗИСКО ОСИГУРУВАЊЕ

ПЕНЗИСКО ОСИГУРУВАЊЕ
– востановен систем на осигурување што треба да ја замени загубата на приходот како последица на пензионирање и старост. Пензиското осигурување е значаен сегмент на социјалното осигурување и на остварувањето на социјалната сигурност на граѓаните на РМ. Со закон за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица што вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување. Системот на пензиското и инвалидското осигурување се состои од: задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност; задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Со задолжителното пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, намалување или губење на работната способност, смрт и телесно оштетување. Правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средства за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со закон. Права од пензиско и инвалидско осигурување се: 1) право на старосна пензија; 2) право на инвалидска пензија; 3) право на распоредување на друго соодветно работно место, право на соодветно вработување, право на преквалификација или доквалификација и права на соодветни парични надоместоци; 4) право на семејна пензија; 5) право на паричен надоместок за телесно оштетување; и 6) право на најнизок износ на пензија. Средствата за пензиското и инвалидското осигурување и правата од пензиското и инвалидското осигурување се обезбедуваат, односно се остваруваат во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Во рамките на пензиското и инвалидското осигурување својата социјална сигурност во 2005 г. ја остварувале околу 285.000 корисници или 13,7% од вкупното население во РМ.
ЛИТ.: Министерство за труд и социјална политика на Р. Македонија, Закон за пензиското и инвалидското осигурување, „Сл. весник на РМ“, 80/1993, 24/2000, 50/2004 и 4/2005; Б. Батиќ, Л. Ивановска,
Н. Ружин, Д. Донев, П. Лазаревски, Љ. Чонева, Л. Даневска и др., Толковник на пои-ми од социјалната заштита. Еуропеан Цоммиссион ПХАРЕ Цонсенсус Программе, 2000; Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Извештај за работата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за 2005 година. Скопје, 2005. Д. Д.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *