ПЕТРОВСКИ, Јаким Т

ПЕТРОВСКИ, Јаким Т. (Крива Паланка, 1934) – градежен инженер, редовен професор. Завршил Градежен факултет на Универзитетот во Загреб, магистрирал земјотресно инженерство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, докторирал на Градежниот факултет на Универзитетот во Белград. Специјализирал во областа на земјотресното инженерство во Англија, потоа во САД и во Советскиот Сојуз. Од 1957 г. работи како проектант-конструктор и раководител на градилиште во Железарницата „Скопје“. По земјотресот (1963) е советник во Генералната дирекција за обнова на градот. Еден од основачите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (1965), каде што работи како раководител на отсек, вонреден и редовен професор на постдипломските студии. Директор е на Институтот (1973– 1985) кога, со помош на Обединетите нации и на УНЕСКО, прераснува во една од водечките научни институции во светот во областа на заштитата од земјотреси. Публикувал повеќе од 270 научни труда во земјата и во странство и околу 80 извештаи за агенциите на ООН и владите на повеќе земји. Подготвил за ООН осум книги за менаџмент на земјотресните катастрофи, како и четири книги во издание на Институтот за земјотресно инженерство. Член е на Советот на УНЕСКО и на УНДРО за намалување на сеизмичкиот ризик (1976–1988). Учествувал во 23 мисии како експерт од висок ранг и главен технички советник на 16 проекти на УНЕСКО и на УН-Хабитат за намалување на сеизмичкиот ризик. Советник е на генералниот секретар на ООН за планирање и организирање на Меѓународната декада за намалување на ефектите од природните катастрофи (1988–1990); ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје (1988–1990); избран (1990) за член на Европската академија на науките (Ацадемиа Еуропаеа). Носител е на највисоки национални одликувања и на меѓународни признанија. Почесен член е на Меѓународната асоцијација за земјотресно инженерство. К. Тал.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *