ПЕТРОВ, Ѓуро

ПЕТРОВ, Ѓуро (с. Костурино, 1931 – Скопје, 2003) – редовен професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, научник. Дипломирал на Технолошкиот факултет на Универзитетот во Загреб (1956). Постдипломски студии завршил на Државниот универзитет во Пенсилванија, САД. Докторирал на Универзитетот во Загреб (1974). Имал повеќе студиски престои во Европа и во САД. Бил наставник во средно хемиско училиште и инженер, а во „ОХИС“ – Скопје работел од инженер до директор на Институтот. Бил избран за асистент по хемија на Медицинскиот факултет во Скопје (1958). На Технолошкометалуршкиот факултет во Скопје е од 1973 г., а како редовен професор од 1982 г. Бил декан на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и професор на Технолошкиот факултет во Лесковац и на Техничкиот факултет во Битола (од 1986). Бил главен уредник на списанието „Хемиски влакна“, претседател на Републичката комисија за меѓународна научна соработка. Подрачја: текстилна хемија, преработка на пластични маси и др. Автор е на учебници и помагала, научни трудови, иновации и истражувачки проекти.
ЛИТ.: „Билтен УКИМ“ бр. 609, од 27 ⅩⅠⅠ 1993 г., стр. 23; 40 години Технолошко-металуршки факултет – Скопје, монографија, ТМФ Скопје, 2000 г., стр. 111. Св. Х. Ј.

Иван Новев
Петров

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *