ПЕТРУШЕВСКИ, Михаил Д

ПЕТРУШЕВСКИ, Михаил Д.
(Битола, 2. Ⅶ 1911 – Скопје, 27. Ⅱ 1990) – класичен филолог, унив. проф., ректор на Скопскиот универзитет, академик. Основно училиште и гимназија завршил во Битола. Филозофски факултет, група за класична филологија (1931–1935) во Белград. Во 1935 како аматер открива вредни артефакти во Хераклеја крај Битола и ја заинтересирал јавноста за овој богат археолошки локалитет. Во 1936 г. назначен за наставник по лат. ј. во Битолската гимназија, во 1938 избран за асистент на Семинарот за класична филологија во Белград, а во 1940 г. ја одбранил својата докторска дисертација „Божанства и демони црне боје код старих народа“. Во почетокот на 1941 г. избран за доцент на Филозофскиот факултет во Скопје, но поради војната не стапил на должност. Останал во Белград како асистент до март 1946 г., кога бил повлечен од Министерството за просвета на НРМ за член на Комисијата за организирање на Универзитетот во Скопје. Во ноември 1946 г. е избран за вонреден професор и прв декан на новооснованиот Филозофски факултет во Скопје во два мандата (1946– 1949), во 1956 за редовен професор и ректор на Скопскиот универзитет (1956–1958), а во 1967 за редовен член на МАНУ.
Од 1946 г. посветува големо внимание за организирање на Семинарот, од 1956 на Катедрата за класична филологија, чиј шеф бил од 1946–1967 г., а го организирал и Семинарот за историја на стариот век со археологија. По негова иницијатива (1950) е основано сп. „Жива антика“, кое од југословенско, во 1957/8 г. прераснува во меѓународно списание.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *