ПОПОВСКИ, Анте

ПОПОВСКИ, Анте (Лазарополе,
3. Ⅵ 1931 – Скопје, 1. Х 2003) – поет, есеист, препејувач, публицист, академик. Основното образование го завршил во родното село, гимназијата во Битола, а Медицинскиот факултет во Скопје, каде што се вработува како асистент. Извесно време работи како лекар во Дебар, но од 1955 г., кога од печат му излегува првата стихозбирка Одблесоци, ја напушта медицината и исцело се оддава на поезијата. Член е на ДПМ (1956) и член на Извршниот совет на Македонија; директор на НИП „Нова Македонија“ и на „Вардарфилм“ во Скопје; потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство; претседател на ДПМ (во два мандата) и претседател на Советот на СВП (1966/67 и 1978/79). За редовен член на МАНУ е избран на 10. Ⅴ 2000 г. и член на Светската академија на поезијата (2002). Препеал од разни јазици видни поети од Балканот и од Европа, меѓу нив и библиската „Песна над песните“. Застапен е во сите антологии на македонската поезија, како и во Антологијата на светската поезија. Неговата поезија е преведена на повеќе јазици во светот. А. П. е еден од најзначајните македонски поетски творци. Поет на епот и епопеите, на болните македонски и старословенски тажачки и елегии, поет на македонските тајнописи и родописи, на митскиот поетски говор вкоренет во источната, византиска и христијанска македонска поетска традиција. Македонија и нејзината трагична историска судбина е во средиштето на неговата поезија. Неа тој ја воздигна во мит. Добитник е на високи национални и меѓународни награди и признанија.
ДЕЛА: Одблесоци (поезија, 1955); Вардар (поезија, 1958); Самуил (поезија, 1963); Непокор (поезија, 1964); Камена (поезија, 1972); Тајнопис (поезија, 1975); Љубопис (поезија, 1980); Родопис (поезија, 1981); Сина песна (поезија, 1984); Глас од дамнината (публикација од литературно-историски и поетолошки карактер, 1986); Ненасловена (поезија, 1988); Оковано време (статии и коментари, 1991); Меѓу животот и знаците (есеи, 1991); Провиденија (поезија, 1995); Окото, светлините (есеи, 1996); Света песна (2001); Две тишини (2003). Составувач е на Светата земја на зборот (1995), антологија на јидиш поезијата, и на Орфеј и Исус: библиски мотиви во современата македонска поезија (2000). ЛИТ.: Георги Старделов, Македонска книжевност. 7. Величанија, Ск. 2000. Г. Ст.

Протојереј -ставрофор Антим Поповски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *