ПОПОВСКИ, Костадин Стерјов

ПОПОВСКИ, Костадин Стерјов
(с. Зашле, Демирхисарско, 25. ⅩⅠⅠ 1920 – Скопје, 10. Ⅷ 1994) – економист, универзитетски професор. Основно училиште завршил во с. Растојца, а гимназија во Битола (1941). Како гимназијалец, бил член на СКОЈ (1937), а потоа учесник во НОБ (1941) – секретар на селско биро на КПЈ, политички комесар на селски и реонски комитет на КПЈ. Бил уапсен од бугарските окупациони власти (кон крајот на август 1942) и осуден, а казната ја издржувал во затворот Идризово (Скопско) до организираното бегство на сите политички затвореници (29. Ⅷ 1944). По Ослободувањето бил секретар на Околискиот и на Окружниот комитет на СКОЈ во Битола, како и шеф на Отсекот на Внатрешни работи во Крушево, Демир Хисар и Битола. По дипломирањето на Економскиот факултет во Белград (1950), бил избран за асистент на Правно-економскиот факултет во Скопје (1950–1953). Извесен период бил комерцијален директор на Цементарицата „Усје“, генерален директор на Стакларницата, шеф на Отсекот за општи економски анализи во Секретаријатот за општостопански работи на СРМ, в.д. директор и професор на Вишата стопанска школа во Скопје (1953–1960). Потоа пак се вратил како предавач (1960), виш предавач (1968–1983), продекан и претседател на Советот на Економскиот факултет. Бил член на Околискиот и на Универзитетскиот комитет на КПМ во Скопје, член на Градската конференција на СКМ, претседател на Факултетската конференција на СКМ, член на Претседателството на Градскиот и на Републичкиот одбор на СЗБНОВ, потпретседател на Околискиот народен одбор и народен пратеник во Општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ. Носител е на Партизанска споменица 1941.
ЛИТ.: Споменица 1950–1980, Економски факултет, Скопје, 1980; Споменица 1950– 1990, Економски факултет, Скопје, 1990, 100–101. С. Мл.

Кајакарот на диви води Лазар Поповски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *