ПОПЈОРДАНОВ, Миле Ѓошев

ПОПЈОРДАНОВ, Миле Ѓошев
(Велес, 1880 или 1879 – Велес, 21. Ⅸ 1901) – војвода на ТМОРО, брат на водачот на гемиџиите
Јордан Попјорданов–Орцето.
Поради неговите револуционерни идеи, бил исклучен од Солунската, а потоа и од Битолската гимназија и од Духовната семинарија во Цариград. Кратко време бил учител во с. Чичево (Велешко), а потоа во Велес, но наклеветен од велешкиот егзархиски владика Авксентиј, бил отпуштен од работа. По краткото учителствување во с. Дедино (Радовишко), како член на МК на ТМОРО во Велес, станал комита во Радовишко, потоа во Серско и војвода на чета во Поројско (јули 1898 – летото 1901). Поради болест, војводството му го препуштил на Михаил Чаков и отишол на лекување во Солун. Потоа се вратил дома. Кога дознал дека му е загрозена безбедноста, се обидел да отиде во Штип, но бил настигнат од османлиски полицајци и по кратка престрелка, со последниот куршум се самоубил. Опеан е во една од најпопуларните македонски народни песни „Болен ми лежи Миле Попјорданов“.
ЛИТ: Никифор Смилевски, Песната и коренот, Велес, 1992; Златна книга. 100 години на ВМРО, Скопје 1993; Никифор Смилевски, Оттргнато минато, Скопје, 1994; Кирил Костов, Македонската народна песна „Болен ми лежи Миле Поп Орданов“, „Современост“, бр. 7-8, Скопје, 1994, 190. С. Мл.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *