ПРЕРАБОТКА НА ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК

ПРЕРАБОТКА НА ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК – во поранешна Југославија, најголемиот дел од нашето индустриско овошје и зеленчук се преработуваше во другите републики, кои нудеа подобри услови за откуп и плаќање. Ова влијаеше за порастот на примарното производство кај нас. По осамостојувањето на РМ, нашите фабрики не можеа да ја прифатат суровината, а тоа нагло го намали примарното производство. Во текот на 1991–1993 г. кај нас се преработени 31.566 т зеленчук, од кои се произведени 11.861 т готови производи. Во 1995–1997 г. се преработени 6.168 т овошје или 4,9% од вкупното производство на овошје. Тоа се симболично мали количества преработено овошје. Според податоците на Македонската асоцијација на преработувачите, во 2004 и 2005 г. се произведувани по 26.000 т преработено, сушено и смрзнато овошје и зеленчук, а 90% од ова производство се извезени во многу земји, најповеќе во Германија и во Србија. Вредноста на производите изнесува околу 20 милиони евра. Оваа преработка се врши во 46 фирми. Наведените количества преработено овошје и зеленчук се минимални според можностите за производство на суровините и капацитетот на преработувачките објекти. Поголемиот дел од нашите фабрики работат со мал капацитет, линиите се застарени, а производството неконкурентно. Без современа преработка на овошјето и зеленчукот не може да се унапреди примарното производство. Б. Р.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *