ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕТО НА ПРЕТПРИЈАТИЈАТА

ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕТО НА ПРЕТПРИЈАТИЈАТА – консолидирање и подобрување на економските перформанси на претпријатијата преку сопственичко, производно, финансиско и управувачко реструктурирање. Првата специјална програма за преструктурирање на 25 претпријатија, т.н. најголеми загубари, Македонија ја спроведуваше во раните транзициони години, во соработка со Светската банка, во рамките на проектот за социјални реформи и техничка помош. Преструктурирањето на 25-те големи претпријатија, кои во своето работење бележеа загуби, се одвиваше со посебен закон и опфаќа
ше: запирање на одливот на гото-ви пари од овие претпријатија, отпуштање на вишокот вработени и намалување на трошоците на работењето, менаџерско и финансиско реорганизирање, поддршка на деловите на претпријатијата кои претставуваа здраво јадро и можеа да опстојат во пазарните услови на стопанисување и затворање на деловите кои немаа перспектива и не можеа да се продадат (да се приватизираат). Проектот се реализираше во тешки услови и со променлив успех. Подоцна, процесот на преструктурирање на претпријатијата продолжи со интензификацијата на приватизацијата, исто така, со променлив успех. Преструктурирањето на еден дел од големите претпријатија се одвиваше преку нивно продавање на странски стратешки инвеститори (Макстил, Фени, Југохром, Бучим и др.). Притоа, Владата често го користеше методот на групирање на нејзините побарувања кон големите претпријатија по разни основи (неплатени обврски кон Електростопанство на Македонија, Македонски железници, Управата за јавни приходи, Агенцијата за санација на банки и Агенцијата за стокови резерви) и нивно продавање на стратешки инвеститор. Преструктурирањето на претпријатијата (реалниот сектор) во Македонија се одвиваше бавно и недоволно квалитетно, за што сведочи и ниската вредност на индикаторот на ЕБРД за управувањето и реструктурирањето на претпријатијата (2+). Таквата состојба, синтетички гледано, беше условена од инсајдерскиот карактер на приватизацијата (старо-новите сопственици не беа секогаш успешни во консолидацијата на претпријатијата), но и од недоволната храброст на владите да се соочат со растечките социјалнополитички тензии што ги носеа реформите, поради што овие премалуваа, особено во предизборните периоди. Пошироко гледано, процесот на преструктурирање на големите социјалистички претпријатија беше следен и со појава на голем број нови, приватни, мали и средни претпријатија кои денес имаат доминантно учество во креирањето на БДП, додадената вредност и вработеноста во бизнис-секторот на земјата.
ИЗВ.: ЕБРД, Транситион репорт 2005, 4; Т. Фити, В. Хаџи Василева – Марковска, М. Бејтмен, Претприемништво, Скопје, 2007, 235-236. Т. Ф.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *