ПРОШЕВ, Тома

ПРОШЕВ, Тома (Скопје, 10. Ⅺ 1931 – остров Зларин, Хрватска,
12. Ⅸ 1996) – композитор. Еден од најистакнатите автори во македонската современа музика. Студира во Загреб и во Љубљана (Л.
М. шкерјанц), каде што ги завршува и постдипломските студии по композиција. Се усовршува кај Н.
Буланже во Париз. Работи како професор во Загреб (1959-1967), а потоа предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје (19671991). Во Скопје го формира Ансамблот за современа музика „Света Софија“ (1968), со кој доживува големи успеси во Македонија и надвор од неа, изведувајќи современи дела на композитори од целиот некогашен југословенски простор. Пишувајќи лесно и полетно, тој создава оригинален музички говор, како синтеза на разнородни композициски техники од втората половина на ⅩⅩ в. Македонската музика ја збогатува со бројни дела од камерниот, симфонискиот, концертантниот и посебно ораториумскиот и музичкосценскиот жанр. Во неговиот опус се издвојуваат три творечки фази. Во првата фаза покажува афинитет кон актуелностите на времето, внесувајќи извесна доза на романтичарски сензибилитет, што ќе го задржи и подоцна. Во втората фаза, од почетокот на шеесеттите години на ⅩⅩ в., П. тргнува во авантура кон неистражените простори на звукот, искористувајќи повеќе композиционо-технички и стилски насоки на современата музика на времето. Третата творечка фаза се одвива од почетокот на седумдесеттите години до крајот на неговиот живот и творештво. Во своите најзрели остварувања користи прочистена и ненаметлива техника, стремејќи се кон што поедноставен и смирен музички говор, како резултат на дефинитивното оформување на сопствената уметничка физиономија. Б. Орт.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *