ПСИХОЛОГИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА

ПСИХОЛОГИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА – наука што го изучува однесувањето и менталните содржини на личноста. Во Македонија научното изучување на психологијата, со ретки исклучоци, започнува со основањето на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје (1974), кој со текот на времето се разви во респектабилен центар за вршење научни истражувања во повеќе психолошки дисциплини. Прв негов раководител беше проф. д-р Ристо Ѓорѓевски (в.), а негов заменик беше доц. д-р Наум Тодороски. За развојот на психологијата во Македонија се заслужни и определен број наставници од други универзитетски центри од тогашната СФРЈ: д-р Предраг Огњеновиќ (в.), д-р Александар Буквиќ (в.), д-р Јосип Бергер (в.) од Филозофскиот факултет во Белград, д-р Анте Фулгози од Филозофскиот факултет во Загреб, д-р Миклош Биро од Филозофскиот факултет во Нови Сад и д-р Владимир Нешиќ од Филозофскиот факултет во Ниш. На Институтот за психологија, освен додипломски студии, се организираат и постдипломски и доктор
ски студии. Постдипломските студии се состојат од специјалистички студии по Училишна психологија (воведени во учебната 2005/06) и од магистерски студии со шест насоки (Општа психологија, Развојна психологија, Психологија на личноста, Социјална психологија, Педагошка психологија и Психологија на трудот), кои постојат од учебната 1980/81 г. Покрај наставната дејност, на Институтот се одвиваат и низа други активности (истражувачки, апликативни и некои форми на непосредно давање психосоцијална помош и поддршка), кои се реализираат преку: Лабораторијата за мир и интеркултурно воспитание (основана на почетокот од 1990-тите години, а која прерасна во Балкански центар за проучување на мирот (1993)), Психолошко советувалиште за лица што имаат потреба од психолошка помош, Центар за психосоцијална и кризна акција (од 1999) наменет за унапредување на здравјето на младите и за интервенирање во кризни ситуации и Центар за изработка и примена на тестови – Психометрика. Носители на овие многубројни и разновидни активности се поранешните и сегашните членови на (в.) Институтот за психологија.
ЛИТ.: 30 години Институт за психологија, Збор. на трудови, Скопје, 2004. В. Арн.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *