ПТОЛЕМАИДИ

ПТОЛЕМАИДИ (323 г. пр.н.е. – 30 г. пр.н.е.) – македонска династија, владееле со Египет. Основач на династијата бил првиот владетел Птолемај, син на Лаг, роден во Еордаја, воспитуван на македонскиот дворец, еден од хетајрите и близок соработник на Александар Ⅲ Македонски. Се истакнал како војсководец во повеќе битки на Истокот. Походот на Александар Македонски го опишува во своето дело, зачувано преку Аријановата „Анабаса“. По смртта на Александар, Птолемај станал управник на Египет (323–283), а по првиот судир меѓу дијадосите добил неограничена власт во Египет. За крал на Египет се прогласил во 305/6 г. ст. е. Се смета за основач на Музејот и Библиотеката во Александрија – културен центар во т. н. хеленистичка епоха. Го наследил неговиот син Птолемај Ⅱ Филаделф (283–246). Во неговото владеење Египет прераснува во најмоќна воена и економска сила на Источниот Медитеран. Други позначајни владетели биле: Птолемај Ⅲ (246–221), Птолемај Ⅳ Филопатор (221–205), Птолемај Ⅴ Епифан (204–180). Последната од династијата Птолемеиди била Клеопатра Ⅶ (51/2–30). Нејзиниот живот и владеење биле поврзани со Римската Република. Со Гај Јулиј Цезар има дете, а со конзулот Марко Антониј се борела против Октавијан Август. Последната битка во која биле поразени војските на Клеопатра и Антонија била кај Акциј (31 г. ст. е.), по што кралицата се самоубила. По нејзината смрт Египет потпаднал под римска власт, претворен во римска провинција.
ЛИТ.: Аријан, Александровата анабаса. Прев. М. Бузалкова, Скопје, 2000; Ф. Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, Скопје, 1995. Р. Илјовски, Кој и кога владее со Македонија, Скопје, 2003. А. шук.

Ѓорѓија М. Пулевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *