ПУСТИНОЖИТЕЛИ македонски

ПУСТИНОЖИТЕЛИ македонски – припадници на т.н. еремитско или анахоретско монаштво – лично служење на христијанската вера (подвизништво) манифестирано со осаменички, аскетски и испоснички живот. Под влијание на ранохристијанското еремитско монаштво во Византија (преку Света Гора) во Ⅺ в. во северните краишта на Македонија заживеало подвизништвото на четворица пустиножители-преподобните Јоан Рилски, Јоаким Осоговски (Сарандапорски), Прохор Пчињски и Гаврил Лесновски. Според легендарните сведоштва, првовремено сите заедно се подвизувале во Овчеполието, а подоцна секој се повлекол на различни страни во осаменичко испосништво. Преподобниот Јоан отишол на Рила, Прохор се преселил во поткозјачката месност Солинар, Јоаким се подвизувал кај Крива Паланка на Осоговската Планина, а Гаврил останал во Лесновската Гора кај Злетово. Нивното еремитско монахување не било продолжување на охридското киновиско монаштво, основано од светите Климент и Наум Охридски, ниту пак било поттикнато од црковниот врв на Охридската архиепископија. Подвизничкиот подвиг добил одглас како народно духовно движење по пропаѓањето на Самуиловото Царство, а ја крепел словенската свест во отпорот на притисокот од Византија. За секој од „чесната четворка богоизбрано друштво“ биле изградиле храмови, во кои с¢ до денес живеат братствата на Рилскиот, Пчињскиот, Осоговскиот и Лесновскиот манастир.
ЛИТ.: Цв. Грозданов, Портрети на светителите од Македонија од Ⅸ-ⅩⅤⅠⅠⅠ век, Скопје, 1983, стр. 159–180; И. Велев, Св. Гаврил Лесновски во книжевната традиција, Скопје, 1996; В. Стојчевска-Антиќ, Локални хагиографии во Македонија, Ⅱ изменето и дополнето издание, Скопје, 2003. И. Вел.

Иво Пухан

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *