РАБОТНИЧКИ УНИВЕРЗИТЕТИ

РАБОТНИЧКИ УНИВЕРЗИТЕТИ – воспитно-образовни установи за систематско образование на возрасните. Нивното формирање (педесеттите години на ⅩⅩ в.) првенствено било условено од потребата работните луѓе и граѓаните да добијат општи и стручни знаења, на организиран и систематски начин, заради успешно извршување на производствените и самоуправните задачи. Првите работнички универзитети се формираат 1953 г. (Скопје, Штип, Прилеп, Гостивар и Струмица). Во 1965 г. веќе работат 28 вакви установи речиси во сите градски центри. До донесувањето на Општиот закон за школство (1958) работничките универзитети се третирани како синдикални организации, потоа се во надлежност на општинските собранија, за подоцна да се трансформираат во самоуправни работни организа
ции. Како андрагошки установи со поливалентна функција, дејноста ја развивале на подрачјата на основното, општото и стручното образование, на марксистичкото, општествено-економското и политичкото образование, на образованието за општонародната одбрана и општествената самозаштита, како и во областа на културно-уметничката, информативната и издавачката дејност. Практикувале флексибилни фор-ми на работа: предавања, циклуси предавања, семинари, курсеви, центри за доквалификација и преквалификација, вечерни политички школи, школи за самоуправувачи, трибини, литературни средби, концерти, изложби и сл. Работничките универзитети играле значајна улога во подигањето на образовното и културното ниво на возрасните. Во современи услови, дејноста им е насочена главно кон информатичкото образование, изучувањето на странски јазици и организирањето курсеви за занимања. На образованието на возрасните работат повеќе работнички универзитети (Скопје, Битола, Охрид, Велес, Куманово, Тетово, Штип, Струмица, Кавадарци, Гостивар, Неготино, Кичево, ПробиШтип). Еден од најафирмираните е Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“ во Скопје.
ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *