РАЗВОЈОТ НА БАНКАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА

РАЗВОЈОТ НА БАНКАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА. Првите никулци на банкарските работи во Македонија се јавуваат во античкиот период, во времето на Филип Македонски (359–336 г. пр.н.е.), кога е воведена златна македонска монета – статер. Со доаѓањето на Римјаните, одделни градови во Македонија имаат право да коват свои монети, во Стоби, на пр., се коват монети на 12 римски императори. Во средниот век, во времето на владеењето на српските кралеви, ковањето пари се става под државна контрола, а поважни ковачници се оние во Скопје, Охрид, Кратово и во Стоби. Пресврт во развојот на банкарството претставува

Стопанска банка, Скопје
реформата на паричниот и финансискиот систем на Турското Царство од 1856 г., со која населението има обврска сите давачки да ги плаќа во пари, а воведени се и книжни пари и се формираат првите вистински банки. Во 1903 г., Цариградската отоманска банка отвори свои филијали во Скопје и во Битола, а во истата година и земјоделската – Зираат банка отвори филијали и испостави во Македонија, кои функционираат до 1912 г. Во Турското Царство со банкарски работи се занимаваат и македонските трговци и занаетчии, при што попознати кредитни институции се: „Терезии“, „Љубов“, „Грозд“, „Братски труд“ и „Соединение“. Во периодот меѓу 1918 и 1923 г. се формираат 23 приватни банки, од кои позначајни се: Трговската индустриска банка „Вардар“, Скопската извозна банка и банката „Стара Србија“. Непосредно по Ослободувањето (1945) сите банки се ставени под државна контрола, а најголемиот дел од приватните банки се ликвидирани. Во март 1945 г. е донесен статутот на Македонската стопанска банка, со кој се утврдени принципите на нејзиното работење и почетниот капитал, а во 1945 и 1946
г. таа отвори осум филијали во поголемите градови на Македонија. Од март 1952 г. до почетокот на 1954 г. постои монобанкарски систем, т.е. во овој период на територијата на РМ дејствува само НБ на ФНРЈ – Централа за НРМ. По 1954 г, со формирањето на комуналните банки, започнува процесот на децентрализација на банкарскиот систем, односно преоѓање кон двостепено банкарство. Во текот на 1961 г. повторно доаѓа до реорганизација на банкарскиот систем и во почетокот на 1962 г. се обновува дејноста на Стопанска банка на НРМ, која подоцна го менува името во Стопанска банка – Скопје. Со стопанската реформа од 1965 г. настапуваат промени во банкарскиот систем при што од 26-те комунални банки се формираат две комерцијално-инвестициони банки, во Скопје и во Битола. Кон крајот на 1970-тите започнува голема реорганизација на банкарскиот систем, кој се изградува според концептот на здружениот труд. На крајот од 1979 г. банкарскиот систем на Македонија го сочинуваат една здружена банка (Стопанска банка – здружена банка – Скопје), 27 основни банки, 3 деловни единици и 62 експозитури, односно вкупно 93 банкарски единици. Кон крајот на 1980-тите се прави обид за организација на банкарскиот систем врз основа на принципите на пазарната економија, но овие обиди се покажуваат како неуспешни. Во времето на монетарното осамостојување на Македонија банкарскиот систем се одликува со голем износ на ненаплатливи кредити, хронични проблеми со ликвидноста и несолвентност. Во мај 1993 г. се донесува првиот Закон за банки и штедилници со кој се утврдуваат условите за основање и работење на банките. Во април 1995 г. започнува обемен процес на санација на банкарскиот систем, кој вклучува линеарна санација на банкарскиот сектор, како и посебна санација на Стопанска банка АД Скопје. Со цел да се зајакне довербата на јавноста во банкарскиот систем, во јануари 1997 г. е основан Фондот за осигурување на штедните влогови, како институционален механизам за заштита на малите штедачи. Истовремено, во целиот период по монетарното осамостојување, тече процесот на доизградување на правната, регулативната и институционалната рамка за функционирање на банкарскиот систем.
ЛИТ.: Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Ецономѕ Пресс, Скопје, 2003, 560–563. Г. П.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *