РАЗВОЈОТ НА МАЛИТЕ И СРЕДНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО РМ

РАЗВОЈОТ НА МАЛИТЕ И СРЕДНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО РМ – самостојни, независни ентитети, кои вработуваат најмногу до 250 лица (в. Класификација на претпријатијата според големината) и го сочинуваат највиталниот дел на економската структура на секоја економија. Во СРМ, до 1980 г., поради антагонизмот на социјалистичката идеологија кон приватната сопственост, нивниот број и особено нивната економска сила во економската структура на земјата беа незначителни. По 1980 г., а особено во втората половина на 1980-тите години, до-аѓа до побрз развој на МСП. Во текот на 1984 г., т.н. мало стопанство во СРМ вработуваше 53.000 лица (близу 13% од вкупниот број вработени) и учествуваше со 5,3% во формирањето на општествениот производ. Во 1989 г., во СРМ, од вкупно 2.003 претпријатија, 1.169 (58,3%) беа мали и средни. Со започнувањето на транзицијата и по радикалните промени во економскиот и политичкиот систем на земјата доаѓа до силен пораст на МСП, т.е. до еден вид „спонтано претприемништво“. Нивниот број рапидно расте во целиот транзиционен период (исклучок е само конфликтната 2001 г.). На крајот од 2004 г. бројот на регистрираните претпријатија надмина 172.000. Но од нив активни беа само 49.687 претпријатија, од кои дури 49.552 спаѓаат во групата на МСП. За разлика од раните транзициони години, кога МСП претежно беа лоцирани во секторот на трговијата, последниве години расте нивниот број во секторот на производството и кај другите услуги. Денес МСП во РМ имаат доминантно учество (80%) во бројот на вработените, креирани од страна на бизнис-популацијата во земјата, во додадената вредност (69%) и во бруто-вредноста на производството на претпријатијата (66%).
ИЗВ.: Републички завод за статистика, Развој на СР Македонија 1945–1984, Скопје, 1986. 57–58; Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Македонија, Опсерваторија за МСП во Република Македонија, Извештај 2004, 20–21, 30.
ЛИТ.: Т. Фити, В. Хаџи Василева–Марковска, М. Бејтмен, Претприемништво, Скопје, 2007, 224–232; Б. шуклев, Менаџмент на мал бизнис, Скопје, 2006, 50–55. Т. Ф.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *