РАЗЛОВЕЧКО ВОСТАНИЕ

РАЗЛОВЕЧКО ВОСТАНИЕ
(1876) – прво организирано оружено македонско националноослободително востание во ⅩⅠⅩ в. Востанието го организирал и го извел Тајниот македонски револуционерен комитет основан од Димитар Попгеоргиев-Беровски во Солун (1875). Во неговото организирање учествувале претставници од сите слоеви на македонското општество: учители, свештеници, трговци, занаетчии и боречкиот елемент македонското селанство. На советувањето во с. Разловци, Малешевско (април 1876) било донесено решение за кревање востание. Димитар Попгеоргиев бил избран за водач и бил задолжен со чета да ги обиколи Пијанечко, Малешевско, Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко и да се подготват за борба на дадениот знак за почеток на востанието. Востанието започнало утрото на 20/8. Ⅴ 1876 г., како што е забележано на востаничкото знаме, кога било ослободено с. Разловци. Со горењето на спахиските и на другите должнички документи било означено ослободувањето од османлиската власт и воспоставување македонска власт. Во Берово биле собрани 300 воору-

Карта на Разловечкото востание
жени востаници. Востаниците, предводени од Беровски, со развеано знаме ја продолжиле акцијата и го нападнале с. Митрашин
ци. Во повеќечасовната борба бил ранет водачот Беровски што се одразило врз натамошниот развиток на Востанието. Во Разловци поп Стојан ги организирал востанатите селани да ја продолжат борбата за ослободување со повик дека без жртви не се добива слобода. Востаниците предводени од Беровски продолжиле кон Кочанско и кон Малешевско. На планината Плачковица се соединиле со востаниците од с. Лаки предводени од Цоне Дончев. Востаничката чета на Беровски продолжила кон Радовишко. Османлиската држава со концентрирање редовна војска од Струмица, Радовиш, Мелник, Петрич и од Горна Џумаја и со активно учество на вооруженото месно муслиманско население го локализирала и го задушила Востанието. Се одржале само четите на Беровски и на Цоне Дончев, кои биле постојано во движење меѓу Малешевските Планини – Беласица и Пирин Планина. Населението на востаничката територија било изложено на жесток терор; убиства, насилства и прогони. Од 476 затвореници, 40 лица биле обесени. Разловечкото востание било организирано и изведено самостојно и го означило почетокот на континуираната борба на македонскиот народ за слобода и за создавање македонска држава.

ЛИТ.: Љубен Лапе, Разловечкото востание од 1876 година и личноста на неговиот организатор Димитар Поп Георгиев Беровски, Скопје, 1976; зб., Димитар Поп Георгиев – Беровски и неговото време, Скопје–Берово, 1991. М. Мин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *