РЕФЕРЕНДУМИ ВО РМ

РЕФЕРЕНДУМИ ВО РМ –облик на непосредна демократија во кој граѓаните се изјаснуваат за одредено прашање. Во РМ се одржани два референдума. Првиот референдум се одржа на 8. Ⅸ 1991 г., по претходно донесена одлука на Собранието на РМ, а граѓаните се изјаснуваа за прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ Од
1.495.807 регистрирани граѓани – избирачи, кон референдумското изјаснување пристапиле 1.132.981,

или 75,74% од избирачкото тело во РМ. Од овој број „за“ гласале 1.079.308, или 72,16% од вкупно регистрираните граѓани, или 95,25% од оние што пристапиле кон изјаснувањето. Гласале „против“ 39.639 граѓани, или 3,50% од оние што излегле на референдумското изјаснување. Вториот референдум се одржа на 7. Ⅺ 2004 г., по претходна иницијатива на
180.454 граѓани, а граѓаните се изјаснуваа за прашањето: „Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) утврдена со Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (Службен весник на Република Македонија, бр. 49/96) и Законот за градот Скопје (Службен весник на Република Македонија, бр. 49/96)?“. Од вкупно 1.709.536 запишани избирачи, на референдумското изјаснување излегле 436.202, или 26,24% од вкупниот број избирачи. Од нив 409.886 гласале „за“, а 21.471 биле „против“. ДИК го прогласи референдумот за неуспешен, бидејќи одзивот беше помал од 50% од вкупниот број на избирачкото тело во РМ.
ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право, Скопје, 2006. Св. ш.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *