РИСТЕСКИ, Милан Димитриов

РИСТЕСКИ, Милан Димитриов
(с. Вепрчани, Мариовско, 23. Ⅳ 1923 – с. Агиос Константинос, Грција, 22. Ⅶ 1983) – фолклорист и публицист, собирач и издавач на македонско народно творештво. По завршувањето на основното училиште (1934), сиромашниот сирак станува селски овчар и говедар и момок кај повеќе господари. Од 1942 г. како секретар на воспитна група во селото активно ја помага НОБ, а од април 1944 г. стапува во редовите на НОВ. По демобилизацијата од ЈНА, станува секретар на Месниот народен одбор во родното село, а потоа и член на ОК на КПМ. Го завршува двегодишниот курс на Учителската школа во Битола (1952–1954) и е поставен за учител во Прилеп, потоа е испратен за секретар на Општинскиот комитет на КПМ во с. Плетвар (1957), а во следната година се враќа пак за учител во Прилеп. Од 1969 г. работи како архивист во Историскиот архив во Скопје и надворешен соработник на Институтот за фолклор. Фолклорните материјали (главно од Мариово и од Порече), собирани заедно со тројцата синови, изнесуваат над 25.000 страници (снимени и на магнетофонска лента) и депонирани во Архивот на Институтот. Голем дел од песните се испеани од сопруга му Кита. Собирачката работа всушност ја започнува (на рака) уште во 50–тите години, а од 1960 г. печати мариовски народни обичаи, обреди и песни во сп. „Стремеж“. Потоа објавува обемен „Зборник на револуционерно-борбени песни“, а постхумно е излезена и збирката „Македонски обреди и обредни песни од Мариово и Прилепско“. Љубопитниот Ристески настапува на научни собири и фолклористички конгреси и објавува прилози во научни зборници. Автор е и на неколку хроники и монографии. Заедно со сопругата загина во сообраќајна незгода во кампот Камена Вурла на Егејското приморје.
БИБЛ.: Никодин во НОБ, Прилеп, 1962; Народен херој Кире Гаврилоски-Јане, Прилеп, 1968; ПТТ во Македонија. Општ осврт врз историскиот развој (во коавторство со д-р Душко Константинов и д-р Ми
лош Константинов), Скопје, 1970; Зборник на револуционерно-борбени песни, Скопје, 1981; Порече низ историјата, Скопје, 1982; Ведри кажувања за Итар Пејо И, Скопје, 1983; Македонски обреди и обредни песни од Мариово и Прилепско, Скопје, 1985.
ЛИТ.: Бл. Ристовски, Милан Димитриов Ристески (23. Ⅳ 1923 – 22. Ⅶ 1983), „Македонски фолклор“, ⅩⅤⅠ, 32, 1983, 287–296. Бл. Р.

Стојан Ристески

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *